
Џамиите отворени за верници – молитва само под посебни протоколи
Под посебен протокол, со задолжителна дезинфекција на рацете и физичко растојание помеѓу присутните – џамиите денес ги отворија портите за верниците. Ова се случи за првпат откако во земјата важи вонредната состојба. Најмногу верници се очекуваат на петочната молитва, велат од скопското муфтиство.
Внатре во џамијата на подот има обележано кој каде би можел да се моли и да е на соодветно растојание од другиот. Надвор пак, шадрванот привремено не смее да се употребува.
Муслиманскиот празник Рамазан Бајрам е на 24 мај и верниците влегуваат во последните денови од постот. Деновиве на социјалните мрежи се појавија и видеа каде што се гледа дека има поголемо групирање на повеќе лица за ифтарската вечера иако препораките на властите се да не се случува тоа за да се спречи ширењето на корона вирусот. Од ИВЗ се свесни за тоа, но велат дека не можат влијаат.
Денес во Мустафапашината џамија дојдоа дваесетина верници на пладневната молитва. Поголемиот дел од нив не беа расположени за разговор со новинари. Низ чаршијата ни кажаа дека не е важно каде верниците се молат.
И додека правилата на надлежните се да се доаѓа во верски објекти под посебни протоколи, а ИВЗ вели шадрванот е надвор од употреба – камерата на Телма во една џамија забележа дека тоа сепак не е случај.
Петар Догов