
Џафери: Законот за ЈО на седница само доколку усогласи текстот и се обезбедат 80 гласови
Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска најави дека доколку до Парламентот биде доставен усогласен Предлог-закон за јавно обвинителство и по содржина и со договорено мнозинство, тој веднаш ќе биде ставен на собраниска седница.
Има таква деловничка можност, изјави Џафери на средба со новинарите, додавајќи дека се зависи од волјата на парламентарниот состав.
Тој најави и дека Протоколот за Ратификацијата на договорот за НАТО со одложено дејство ќе биде усвоен на 11 февруари на седница на која се поканети да присуствуваат и претседателите на парламентите на земји членки на Алијансата од регионот – Албанија, Бугарија, Грција, Словенија, Хрватска и Црна Гора, како и претставници на Парламентарното собрание на Алијансата и на генералниот секретар на Пактот, Јенс Столтенберг.
Покани за присуство на седницата се упатени и до поранешните претседатели на државата и на Парламентот, како и до лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.
Протоколот се ратификува со апсолутно мнозинство од вкупниот број пратеници, односно со 61 глас.