Џафери порачува дека законите се донесени во соодветна процедура

             Грешка во говорењето, а не во процедурата. Вака спикерот Талат Џафери ја објаснува забуната при донесувањето на Законот за Советот на јавни обвинители. Тој најави Бадинтерово гласање, како што објасни денеска, поведен од претходното гласање за други закони, но тоа не се реализираше бидејќи не е законски неопходно.

            Во ВМРО ДПМНЕ се уште не се уверени дека во прашање е само лапсус. Ако правниот тим утврди неделовничко постапување, ќе бараат реакција од уставниот суд и од други институции.

            Откако вчера Собранието се самораспушти, Џафери ги повика институциите да обезбедат услови за демократски избори.

            Уште синоќа, откако Џафери ги распиша предвремените избори за 12-ти април, ДИК го усвои роковникот за изборни дејствија. Веднаш почнува собирањето информации за вработените во администрацијата и за граѓаните со право на глас. Увидот во избирачкиот список трае од 26 февруари до 11 март. Листите со кандидати треба да се достават до ДИК најдоцна до 12-ти март, а изборната кампања ќе трае 20 дена.

            Изборите ќе се спроведат во шест изборни единици во земјава и една во дијаспората. Државјаните кои се во странство а сакаат да гласаат треба да се пријават најдоцна до 11 март.

Соња Николовскa

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ