
Џафери на средба со хрватската вицепремиерка Буриќ
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, денеска се сретна со потпретседателката на хрватската Влада и министерка за надворешни и европски работи Марија Пејчиновиќ-Буриќ, која престојува во официјална посета на Република Македонија.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот на Собранието, Џафери изразил задоволство од извонредните пријателски односи меѓу Македонија и Хрватска и истакнал дека особено е за почит силната поддршка што ја добива нашата земја во евроатланските интеграции, за кои очекуваме да се финализираат со полноправно членство во НАТО на претстојниот Самит на Алијансата, како и со позитивен извештај од Европската комисија, кој ќе содржи безусловна препорака за почеток на преговорите.
Џафери ја информирал Пејчиновиќ-Буриќ дека како претседател на законодавниот дом големо внимание посветува на актуелните реформски процеси и улогата на Собранието во креирањето на балансиран дијалог меѓу власта и опозицијата за донесување на стратешки важните закони, меѓутоа и на унапредувањето и на повторното ревитализирање на парламентарната дипломатија, како особено значајна форма на репрезентативната улога на парламентот на меѓународен план.
Во однос на економската соработка, Џафери рекол дека таа треба и понатаму да се унапредува, особено во делот на туристичката соработка, која е традиционална меѓу двете држави, а во контекст на потпишувањето на договорите со кои ќе се унапредуваат меѓусебните стопански, трговски и економски врски, истакнал и дека парламентите преку ратификацијата ќе ја олеснат нивната транзиција во ефикасни правни инструменти.
Вицепремиерката Пејчиновиќ-Буриќ се заблагодарила на средбата и на можноста за размена на мислења и за споделување на хрватските искуства на планот на евроинтеграцијата. Покрај тоа, го истакнала и значењето на Парламентот во процесот на претпристапните преговори, како и важноста на имање конструктивен и консензуален пристап кон процесот, нешто што парламентарните партии во Република Хрватска го направиле уште на самиот почеток со тоа што се согласиле со консензус за проактивен однос во евроатлантската интеграција на земјата, бидејќи тој процес не значи само интеграција, туку истовремено и транзиција на целокупното општествено живеење.
– Полноправното членство во НАТО и Европската Унија значи градење на стабилна држава, држава во која странските инвеститори секогаш ќе имаат интерес да вложуваат, а тоа понатаму ќе доведе до развој на државата во целина, рекла Пејчиновиќ-Буриќ, се наведува во соопштението.
Соговорниците споделиле и свои видувања за подобрување на правната рамка во двете држави за статусот на хрватското и македонското малцинство, како и за натамошното негување и развивање на билатералните односи и меѓупарламентарната соработка.