Џафери ја одложи седницата за законот за ЈО

Само што почна седницата за законот за јавното обвинителство претседателот на Собранието Талат Џафери ја одложи за утре во 12 часот. На самиот почеток координаторите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ изразија повеќе забелешки за нејзиното одржување, по што претседателот Џафери ја прекина и ја одложи за утре во 12 часот.

Нема да дозволам некој преку фејсбук да ми праќа пораки дека ја злоупотребувам функцијата, ниту да дозволам во мојот мандат Собранието да се претвори во циркус. Цел ден ми пишувате пораки дека сте изморени и ми се жалите на Фејсбук. Да знаете дека јас не работам преку Фејсбук. Секогаш сум бил човечен. Пораките на фејсбук не се на ниво, ниту потребни, порача Џафери.

Претходно координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски негодуваше дека е надвор од секој логика да се закажува седница во 22 часот.

Цен ден не започнува седницата за да се уценуваат пратеници. Ова што го правите сега и изминативе три години, граѓаните го гледааат и на 12-ти април ќе бидете казнети за сите овие непринципиелни работи. Дали оваа седница треба да почне во 22 часот, кога цел ден сме овде во Собранието? Да се малтретираат пратениците цел ден, за седницата да почне во 22 часот е надвор од секоја логика, рече Мицевски.

Претседателот на Собранието рече дека нема услови да се продолжи седницата затоа што за збор во расправата се јавиле над 30 пратеници.

Претходно пратениците беа повикани да бидат присутни во законодавниот дом во 15 часот, кога според првичните информации требаше да се одржи седницата за двата закона, кои вчера поминаа во Комисијата за европски прашања и во матичната Законодавно-правна комисија.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ