Џафери: Блиску сме до решение за Законот за јазици 

Собранискиот спикер Талат Џафери тврди дека наскоро ќе дојде до решение за ситуацијата со амандманската расправа за Законот за јазици а ВМРО-ДПМНЕ да се врати во парламентарните клупи. За какво решение станува збор Џафери не сакаше да говори, со образложение дека тоа ќе го стори кога ќе се постигне договор. На брифингот со новинарите изјави дека расправата по амандманите не е решение затоа што тоа ќе доведе до блокада на работата на законодавниот дом а тој тоа нема да го дозволи. Комуницира со  пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и очекува час поскоро да се вратат во Собранието.

„Ако лицата осомничени за „крвавиот четврток“ бидат пуштени во домашен притвор, тогаш ВМРО-ДПМНЕ повеќе нема да има аргументи за да не учествува во работата на Собранието. Причината поради која не доаѓаат на пленарните седници, мислам дека за некое време нема да постои, бидејќи и тоа ќе добие епилог“, рече Џафери.

За законот за употреба на јазиците станало збор и на средбите со тројцата европратеници Вајгл, Кукан и Флекенштајн кои се иницијатори на разговорите во рамките на процесот Жан Моне. Начелно е договорено средбата да се одржи од 15 до 17 март во Охрид, но доколку не се обезбеди присуство на високи претставници од Европската Комисија, вклучувајќи го и еврокомесарот Хан, не е исклучено таа да се одложи за мај.

Работните групи деновиве ќе ги усогласуваат предлозите за измени на собранискиот Деловник  и кодексот на пратениците, кои според Џафери предизвикуваат низа злоупотреби. Исто така треба да се регулира и начинот на собраниско обезбедување кое во моментов  е под контрола на МВР. Тогаш Собранието ќе има право на дисциплинско казнување, бидејќи може да се повтори 27 април, кога ние бараме повеќе обезбедување, а тие одат на друго место, вели собранискиот спикер.

Ќе се бара целосна независност на собранискиот буџет со цел да се отргне зависноста од Владата која ја определува висината на средствата за финансирање на  Собранието. Се очекуваат и заклучоците од дискусиите во Вилтон Парк кои ќе треба да бидат вметнати во Деловникот.

Јулијана Пешевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ