
Џафери апелира партиите да се усогласат
Овие денови ќе се бара решение за одблокирање на Комисијата за избори и именувања. Не може да утврди предлог за нов државен ревизор, нов состав на Агенцијата за медиуми, Советот на МРТВ, Комисијата за недискриминација, директори на различни агенции и дирекции, бидејќи Независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ бара поправедна распределба на членството во работните тела. Од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ велат дека координаторите се уште не се состанале, а од СДСМ најавуваат дека до утре треба „да се пресече“. Прашањето било отворено и на денешната координација кај спикерот Талат Џафери. Тој апелира партиите да им овозможат на институциите непречено да си ја вршат работата.
Комисиите треба да го отсликуваат соодносот меѓу политичките сили, но тоа се регулира со одлука на Собранието во согласност со Деловникот, вели Џафери, откако осуммината пратеници кои формираа посебна пратеничка група побараа претседателско место и поголем број членови во комисиите.
Ваквото барање ја парализираше работата на Комисијата за избори и именувања. Без таа да го утврди предлогот, не може да дојде до избор на неколку десетици нови функционери. Најургентен е изборот на ново раководство кај контролорот на јавните пари, како што се нарекува Државниот завод за ревизија. Во декември се навршуваат две години откако му истече мандатот на претходниот државен ревизор, а до крајот на неделава истекува мандатот и на заменикот.
Соња Николовска