
Џафери: Ако Иванов не го потпише указот тоа е негов личен избор, но така го крши Уставот
Вечерва гостин во Ноќно студио беше спикерот на Собранието, Талат Џафери.
Џафери кажа дека дали Иванов ќе го потпише Законот за јазици е негов личен избор, но доколку не го потпише тогаш го крши Уставот.
„Членот 74 е јасен, доколку мнозинството го изгласа по втор пат законот, претседателот е должен да го потпише“.
„Требаше да одберам помеѓу две зла. Да дозволам да се блокира Собранието со илјадници амандмани, или да ги вратам нештата во рамките на уставните норми“.
Тој додаде дека краткорочно гледано го разбира гневот насочен кон пратениците, па и кон него самиот, но и дека долгорочно гледано граѓаните ќе разберат дека донел одлука која не спасила од блокада.
Џафери кажа дека се уште размислува и се консултира што да одлучи околу најавеното непотпишување на указот од Иванов.
Тој кажа дека ништо не било избразано во случајот. „Ако законот е изгласан на 11 јануари, јас дадов 2 месеци сите да се вразумат“.
Џафери додаде дека ВМРО-ДПМНЕ во однос на Законот имале ултимативни барања, и дека бил ставен во или-или ситуација што е недозволиво за една институција како Собранието.
Околу вербалниот судир со поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, Џафери кажа сами да процениме кој на кого му стоел на патот.
„Јас прогласив пауза, каде да одам, да пројдам преку жардињерата или да го турнам?!“ Џафери додаде дека Груевски можеби сакал физички судир, но дека тој не може тоа да си го дозволи.