
Девет кандидати за претседателска трка во ВМРО-ДПМНЕ
Од утре па се до 16 февруари деветте кандидати за претседател ќе имаат можност да ги презентираат своите програми во општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ. Партијата и официјално ги претстави оние кои ги исполниле условите: Влатко Ѓорчев, Гордана Силјановска, Филип Петровски, поранешниот претседател на ЗЕЛС Горан Анеглов, универзитетските професори Илија Димовски, Никита Шекутковски, Сашо Кутлешовски, Ѓорѓи Мансаков – претседател на Стопанската комора за енергетика и Васко Костов фармацевски техничар. Во партијата велат дека не фаворизираат ниту еден кандидат и покрај информациите дека раководството лобира за професорката Силјановска.
Очигледно е дека најголемата битка ќе се води меѓу пратеникот Влатко Ѓорчев и професорката Гордана Силјановска. Ѓорчев има голема подршка од членството додека според нашите извори првите луѓе на ВМРО-ДПМНЕ ја фаворизираат професорката Гордана Силјановска како надпартиски кандидат за претседател очекувајќи на изборите гласови од неопределените, но и од разочараните од СДСМ. Во партијата се стравува на Конвенцијата во Струга да не се повтори истото сценарио како на Кумановскиот и Валандовскиот конгрес, со однапред познат победник и сигурни гласачи. Се очекуваат остри дебати и разврска на бројни дилеми на 16 февруари.
ВВМРО-ДПМНЕе не отстапува од ставот заедно со претседателските да се одржат и предвремени парламентарни избори. Повторно го повикаа СДСМ да не тактизира, да не бега од ова прашање и да донесе одлука, зошто во спротивно ќе мислат дека се подготвува изборен фалсификат.
Јулијана Пешевска