Децата нема да можат да тргнат на училиште ако немаат имунитет против мали сипаници – пресече Владата

Владата пресече – невакцинирани првачиња нема да бидат запишани во училиште. Уписите започнаа денес. Ако родителите ги донесат децата со потребните документи и не покажат исполнети вакцинални картони, децата во септември нема да можат да тргнат во прво одделение.

„Од оваа учебна година нема да можат да бидат запишани првачиња коишто нема да достават картон за вакцинација. Вакцинацијата е задолжителна.“ кажа Миле Бошњаковски, портпарол на Владата на РСМ.

Ова претходно во неколку наврати го најавуваше министерот за здравство Венко Филипче.

„Како што многупати досега потенциравме – ниту едно дете нема да биде примено во градинка и во училиште невакцинирано.“ кажа Венко Филипче, министер за здравство

Надлежните досега не успеваа да ги објаснат нејаснотиите во Законот. Таму во текстот пишува дека основното образование е задолжително, но услов за упис се примените вакцини. За ова жестоко реагираат и од детската амбасада Меѓаши бидејќи според нив ниедно дете не смее да биде исклучено од образовниот процес. Сепак, Министерствата за образование и за здравство постојано се координираат, а од Владата објаснија на што го темелат својот став.

„Закон за основно образование, член 46, став 2. Јасно. И Министерството за здравство работи на теренска вакцинација во моментов, динамиката се спроведува според планираното, Министерството за образование е во координација со Министерството за здравство во однос на ова. Интенцијата е дека мораме да го подигнеме  степенот на имунизација.“ кажа Миле Бошњаковски, портпарол на Владата на РСМ.

Во меѓувреме, епидемијата продолжува. Вчера 9 лица со мали сипаници се јавиле на Инфективна и сите ги задржале таму на лекување. Критични се неколку.

„Потешко болни, освен 16 годишната пациентка која е со церебрална парализа и има пневмонија како компликација од морбили, се и уште едно дете и двајца ворзасни кои се потешко болни.“ соопштија од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

На Инфективна во овој момент вкупно 46 пациенти се лекуваат од морбили во болнички кревет. Меѓу сите на број кои се сместени во болница, 18 се деца.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ