Децата меѓусебно најмногу се навредуваат вербално

На насилното однесување ќе возвратат со насилство. Вака одговориле дури 51 ученик од вкупно 176 анкетирани во битолското основно училиште „Коле Канинаски“. Според истражувањето соучениците меѓу себе најмногу се навредуваат вербално. Стручњаците, пак, велат дека секое трето дете е жртва на физичко, психичко или сајбер меѓуврсничко насилство. Децата ретко дома зборуваат за овој проблем, но родителите можат да го препознаат по нивното однесување.

„Најчесто се појавува со симптоми на депресивно однесување, повлекување, намалена самодоверба, промени во расположението, често има самоповредување, се изолираат, не сакаат да комуницираат, попуштаат во успехот на училиштетот, стануваат раздразливи, влегваат во конфликтни ситуации“,  вели Билјана Гагачевска, психијатар.

Експертите се согласни дека насилното однесување кај младите станува масовна појава, а причините се комплексни- случувањата во општеството, политиката, образовниот систем, медиумите, но најзначаен фактор е семејната средина.

„Дисфункционалните семејства, од најразлични причини-лоша материјална состојба, појавата на психо-патолошки состојби во семејството, семесјното насилство, не се во можност да ја пружат потребната помош и да изградат здрави личности“ вели Ѕала Бојковска, социјален работник.

На дебатата „Превенција на меѓуврсничкото насилство“ организирана од училиштето „Коле Канински“ од Битола, учениците се смееја, довикуваа и се подбиваа. Претставникот од полицијата им укажа дека процедурите се непријатни и за децата и за нивните родители кога некој ќе пријави вакво насилство.

„Забележав една појава меѓу сите вас дека одредени работи предизвикаа и смеа и хумор и несериозност. Но тоа ќе изчезне ако дојдете во ситуација да бидете пријавени или жртви“ рече Горан Тодоровски, претставник од МВР.

Токму со вакви непријатности се соочија и трите ученички од инцидентот во Неготино што неодмана ја разбранува јавноста. Тепачката меѓу нив беше снимена од нивните соученици и објавена на социјланите мрежи, а случајот се најде пред надлежните институции. Полицијата до обвинителството, против трите ученички поднесе кривични пријави за насилство, а училиштето им го намали поведението.

Емилија Мисирлиевски

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ