
Дете со церебрална парализа и невакцинирано бебе се во критична состојба од морбилите
Од морбили во критична состојба во болнички кревет се две деца – едното е седуммесечно и е невакцинирано, а другото е дете со церебрална парализа и епилепсија. Имаат воспалување на белите дробови и се под постојан надзор во болница, потврдија од Министерството за здравство.
„На Клиника има вкупно 21 пациент од кои тројца се возрасни, а осумнаесет се деца. Во потешка состојба се две деца, имаат бронхопневмонија како компликација од морбили. Има и еден возрасен кој е со плеуропневмонија и има нешто потешка клиничка слика“ соопштија од Министерство за здравство.
Од Институтот за јавно здравје го објавија неделниот извештај за состојбата со епидемијата од морбили. Седумдесет нови пациенти се јавиле во болница со симпотмите.
„Епидемијата од мали сипаници се рашири низ целиот град. Во сите општини има по некој што заболел од ова заболување. Според податоците коишто ги собрале од Институтот за јавно здравје, околу 70% од нив се невакцинирани. Досега во Скопје со имунитет се стекнале 7000 лица, а во другите градови во земјата 3000.“
Паралелно со малите сипаници, лекарите се борат и со сезонскиот грип. Во последната недела, во болница се јавиле повеќе од 2000 пациенти кои ги имале сиптомите од тоа заболување – речиси двојно повеќе од претходната недела. Најмногу заболеле лицата од 15 до 64 години. Во критична состојба е дете на Детска клиника поради компликации од оваа болест. Сепак министерот Филипче смирува – ситуацијата е под контрола. Нема намера да прогласи епидемија од грип.
„За сега ситуацијата со грипот е под контрола. Иако има зголемување на случаите во изминативе денови односно недели, процентот на пациенти односно вкупната бројка на пациенти е за 25% помал од истиот период минатата година. За болните има посебно одделено крило во Клиниката за инфективни болести и таму соодветно се третираат како тука – така и низ инфективните одделенија во другите градови“ кажа Венко Филипче, министер за здравство.
За сега лекарите не наишле на ниту еден пациент кој е болен од морбили и грип во исто време. Додека во Скопје веќе два месеци трае епидемијата од мали сипаници, тројца пациенти ја изгубија битката со нив. Од друга страна, грипот зеде две жртви на 5 и 25 годишна возраст.
Петар Догов