
Четворица судии работеле под политичко влијание – СЈО открива детали од необјавени „бомби“ за дел од судиите
Четворица судии кои јавноста ги запозна преку прислушкуваните разговори сега се најдоа и во посебен извештај на Специјалното јавно обвинителство. СЈО резимирајќи ги бомбите во кои се споменуваат или разговараат судиите Александра Зафировска, Јово Вангеловски, Софија Лаличиќ и Светлана Костова открива детали и од до сега необјавени разговори.
Така во делот за судијката од кривичниот суд Лаличиќ која во бомбите разговараше со поранешниот прв човек на УБК Сашо Мијалков, СЈО открива како се местел нејзиниот избор за судија. Повикувајки се на телефонски разговори кои не се објавени СЈО потенцира дека изборот бил одамна планиран и договорен меѓу преставници на извршната и судската власт. Неслучаен бил изборот на една од двете комисии каде влегла Лаличиќ на интервју а особено се внимавало да не се познава дека е фаворизирана, пишува СЈО. Од необјавени снимки СЈО открива дека Лаличиќ стравувала што ќе пишуваат медиумите.
„Нејзините конекции со извршната власт не завршуваат со изборот за судија, туку напротив уште повеќе се интензивираат. Задоволување на приватни интереси и интереси на нејзини блиски луѓе, споделување информации до кои дошла при вршење на функцијата за цели кои не биле поврзани со судиските должности, запознавање на трети лица со внатрешните состојби и односи во судот, недостоинствено однесување во личните и социјални односи и дозволување истите да влијаат на несоодветен начин во нејзиното однесување при вршење на функцијата се само дел од начините на кои била користена моќта која ја носи судиската функција“.
Според сознанијата на СЈО за Светлана Костова, поранешната судијка во Вишиот Управниот суд таа во исто време била и судија и разузнавач. Обвинителството открива дека откако била избрана за судија, сепак продолжила да соработува со УБК каде претходно работела.
„Телефонски комуникации остварени од судија Светлана Костова во месец септември и октомври 2011, два до три месеци по нејзиното стапување на функцијата, покажуваат дека таа продолжила активно да учествува во дневните обврски на Управата за безбедност и контраразузнавање околу организирање и посредување при состаноци и превземање на други работни задачи кои спаѓаат во делокругот на секојдневното работење на УБК“.
СЈО дошло и како што пишува до нови сознанија за поранешниот, но и сегашен претседател на врховниот суд Јово Ванѓеловски. Необјавените негови разговори покажувале дека непрофесионално и несовесно ја извршувал функцијата, давал информации на свои соговорници од постапки кои се воделе пред судот, а интервенирал и сугерирал кај судиите.
За поранешната претседателка на Судскиот совет пак, Александра Зафировска која на бомбите се слушна како разговара со секретаката на екс премиерот Груевски, СЈО тврди дека има докази дека не само што го известувала Груевски за избор на судии, туку тој заедно со министерот за правда, за внатрешни и директорот на УБК заедно одлучувале за изборот на судиите.
СЈО овие случаи ги дава како лош пример заработењето на судството и бара Собранието со измена на законите да спречи и во иднина да се продолжи со оваа пракса. Инаку заедно со посебниот го објави шестиот по ред извештај за работењето на Специјалното обвинителство и во него се жали на постапувањето на судиите во меоментов особнено на одолговлекувањето на судските постапки во предметите Таргет/Тврдина и Титаник.
Билјана Николовска