Десетина жаришта на Шара, гори и во Маврово

Шара е обвиткана во густ чад. Долж целиот планински предел има десетина жаришта, а проценките говрат дека се изгорени над 50 хектари шумска површина и пасишта.

Екипата на Телма заедно со тетовските пожарникари со теренско возило направија обиколка на најризичните места, од скијачкиот центар Попова Шашка се до репетиторот на Македонската телевизија.

Забележавме дека е изгорена поголема површина на сува трева и смреки, но виталните објекти и места се заштитени

На овој предел изминативе денови имаше три активни пожари. Два се локализирани, едниот е се уште активен.

Жариштето е позади овој рид во правец кон селото Лисец. Но опасност да се зафати селото нема, велат од Шумочуварската служба на Македонски шуми кои ги затекнавме како се враќаат од пожарот кој се наоѓа на непристапен терен и дотаму може да се пристигне пеш.

Командирот на ТПЕЕ Тетово Ука Алити, вели дека пожарот е лоциран во дол каде поминува планинска река и мали се шансите истиот да се прошири.

Тој истакна дека не памети Шара да била во пламен како сега.

Сигурен е дека пожарите се подметнати.

На пат кон Попова Шапка забележавме дека има намерно запалени неколку смреки, но за среќа пожарот не се проширил.  

Стигнавме и на скијачкиот центар кој деновиве воопшто не е привлечен за туристите. Целиот центар мириса на изгорено и е обвиткан во чад.

Тука останати се само хотелиерите, гостите веќе им заминале поради еколошката катастрофа. Бараат што поскоро да се пратат канадери и да го угаснат пожарот на непристапните терени.

Шар Планина распукала од пламени јазици и чад. Но зачадениот планински венец од Шара продолжува кон Кораб и Бистра.

Според властите на Општина Маврово Ростуше, најактивен е пожарот во местото викано Кракорница, но екипите се на терен и успеваат истиот да го стават под контрола за да не се прошири.

Чадот од планинските предели на Западна Македонија се спуштаат кон населените места каде веќе четврти ден граѓаните се гушат во загаден воздух. Спасот сите го гледаат во најавената промена на времето со пониски температури и дождови.

Зоран Димовски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ