
Десет илјади граѓани нема да можат да гласаат ако до полноќ не се пријават во ДИК
Над десет илјади граѓани во моментов менуваат лични документи поради истеченост, промена на презиме или живеалиште. Тие нема да можат да гласаат на претседателските избори доколку до ноќеска на полноќ, не се пријават во подрачните единици на ДИК, за да бидат ставени во избирачкиот список.
Фантоми можеби нема, но на списокот сепак има многу лица кои живеат на непостоечки адреси. Истражувањето на Телма покажа дека, напуштената староградска жолта куќа во центарот на Скопје и сега си има свои жители. На локацијата на улицата Максим Горки бр 11, позната во 2013 тата по десетиците гласачи од Пустец, регистрирани во напуштениот објект, сега се гради станбено деловен комплекс. Но, ако се провери избирачкиот список, на истата адреса може да се најдат имиња на дваесет гласачи. За дел има дури и број на стан. Сите се регистрирани на избирачкото место лоцирано во поранешна ФФМ, 2854. Од ДИК тврдат дека во ваквите случаи не се работи за фантомски гласачи, туку за неодговорни лица кои не си ги промениле податоците во личните документи. Комсијата денеска ја посети и вицепремиерот, кој повтори дека од овие избори ни зависи и иднината во ЕУ.
Во првиот круг на овие избори нема цензус, а доколку за ниту еден од кандидатите не гласаат над половина од избирачите, запишани во избирачкиот список, двајцата најдобро рангирани одат во втор круг. Но, тогаш треба да излезат на гласање најмалку 40 проценти од гласачите. Доколку не се постигне потребниот цензус, претседателот е должен, веднаш да распише повторни избори, со скратени рокови.
Далиборка Демјанска