
Десет фирми дале податоци за сопствениците во Фонд за иновации
Само десетина фирми од 77 на колку што им се одобрени државни пари дале податоци за тоа кој е нивни сопственик и дали е функционер, дознава Телма.
Од Фондот за иновации официјално никој не открива дали меѓу оние кои веќе ги откриле своите сопственички структури има спорни. Велат дека ќе чекаат да помине рокот од 15 денови па по ова ќе обелоденат. Сепак задоволни се што до сега никоја од фирмите не се противела да даде податоци кои Фондот ги побара откако пукна аферата со фирмите на функционерите, вицепремиерот Кочо Анѓушев и пратеникот на СДСМ Хари Локвенец.
Во меѓувреме нивните компании се откажаа од добивката, но директорот на Фондот, Јован Деспотовски веќе ги повика компаниите, добитници на финансиска помош со првиот инвестициски бран, да достават информации за сопственичката структура и евентуалната поврзаност со носители на јавни функции и членови на нивни семејства. Потоа ќе се побара Комитетот за оценување да одлучи дали ги исполнуваат критериумите за добивање на парите.
За опозициската ВМРО ДПМНЕ сепак ова е задоцнета реакција. И денеска обвинија дека со ова е откриен клучот за испумпување на народни пари. Сметаат дека премиерот само го копира истиот модел на национално ниво што два мандати го применувал во Струмица како градоначалник.
Од Фондот за Телма велат дека вториот оглас за помош за фирмите е предвидено да се распише на крајот на септември, но поради можниот референдум можно е да се одложи. За разлика од претходно, сега ќе биде забрането да конкурираат фирми кои како сопственици имаат функционери. Распределбата на државни пари сега ја истражува обвинителството за организиран криминал и корупција, кое оформи предмет по допрен глас.
Билјана Николовска