
Депониите од животински остатоци – потенцијални жаришта на заразни болести
Ова не е сценографија за хорор филм, ниту пак примерок за ветеринарна анализа. Станува збор за органски отпад во дива депонија, на само неколку километри од центарот на Скопје, во селото Горно Оризари. Луѓето самите фрлаат се што стигнат, па и остатоци од мртви животни.
„Сега е сезона на свадби и луѓето колат животни, а остатоците ги фрлаат кај ќе најдат“ кажа Асан Ферат, жител на Општина Шуто Оризари.
Асан Ферат живее во близина на ова место. Не ја трпи лошата миризба и свесен е дека отпадот е потенцијално жариште на заразни болести. Затоа пред неколку дена самиот се ангажирал да исчисти дел од депонијата.
„Проблемот е генерално што луѓето фрлаат секаде, без контрола Доаѓаат луѓе навечер, не само од Општина Шуто Оризари туку од секаде цел град буквално доаѓаат тука. Колкупати јас навечер ги имам сретнато – ќе застане со приколка и ќе го исфрли отпадот. Реално, ми пречи не само на мене дека живеам во близина туку пречи и на автобусите и сообраќајот, не можеш да се движиш. Освен тоа, кога има многу ѓубре се собираат кучиња и луѓето не можат да одат пешки. Ангажирав приватна фирма, им платив и исчистија колку може – толку“ кажа Асан Ферат, жител на Општина Шуто Оризари.
Телма праша во Комунална хигиена зошто дивата депонија стои така без институциите да испратат багери и да исчистат. Таму ни кажаа дека не сите рурални средини се под нивни ингеренции. Таму на тоа место, Општината треба да се грижи за отпадот.
„Не е во наша надлежност тој реон. Практично, ЈП Комунална хигиена Скопје, не собира отпад во сите рурални делови на Градот Скопје туку само во одредени. Конкретно, реонот за којшто ме прашувате не спаѓа во наша надлежност. Секако, доколку биде констатирано од страна на соодветни инспекциски служби дека таму се појавила дива депонија и доколку добиеме налог како и секогаш ние ќе излеземе на терен“ кажа Ана-Марија Бранѓолица од ЈП Комунална хигиена Скопје.
Ја отворивме интернет страницата на Општината Шуто Оризари за самите да провериме како тие планираат да се справуваат со отпадот. Во петтата точка на Програмата за заштита на животната средина и природата пишува дека селектираат пластика и хартија, собираат електронски и кабаст отпад. Органскиот отпад не пречека на лице место, но на него – не налетавме на хартија.
„Телма иако пред една недела објави дека овде има дива депонија – надлежните се уште ништо не преземале.“
Во меѓувреме, по големиот верски празник Курбан Бајрам, остатоци од заклани животни сретнавме и во делови од Скопје. Ова е контејнер во близина на скопското Кале. Има секаков отпад, па и црева од мртви животни. Од Комунална хигиена велат дека изолирани случаи како овој имало и секогаш ќе има. Годинава поставиле специјални садови за одлагање на остатоци од животни поради празникот. Досега собрале 120 кубни метри органски отпад и задоволни се од тие бројки.
Петар Догов