Денеска попладне ќе се гласа во грчкиот парлaмент

Вчерашната расправа ја одбележаа обраќањата на лидерите на политичките партии, меѓу кои и претседателот на Сириза и премиер, Алексис Ципрас и претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис. И двајцата говореа детално и опширно, едниот 70, другиот 60 минути за нивните аргументи зошто се „за“, односно „против“ договорот од Преспа.

Ципрас ја потсети комунистичката партија на грција на граѓанската војна.

Не сакам да се осврнам ниту на славомакедонскиот буквар што комунистите го делеа во Ташкент на децата на славомакедонските борци на Демократската армија на Грција. Не сакам да се осврнам на 70.000 бегалци од граѓанската војна кои грчката држава ги лиши од правото во 1983 да се вратат во нивната татковина. Ниту ќе се осврнам како на славомакедонката Мирка Гинова, првата жена егзекутирана во граѓанската војна, комунистка. Со овие грижи на совест што ги имате, да си се справите сами. Ќе говорам политички, нема да се осврнам на историјата на Комунистичката партија на Грција, порача Ципрас.

Говорејќи за политичките позиции на Комунистичката партија на Грција, грчкиот премиер ги анализираше нивните аргументи зошто тие се против договорот од Преспа: првиот е НАТО, вториот- иредентизмот.

Да речеме дека ќе ја прифатам целосно вашата анализа дека договорот е диктиран од западот, од меѓународниот империјализам или не знам што друго може да замислите. Под овој меѓународен договор, земајќи ја предвид волјата на нашите соседи да влезат во НАТО, што секако е нивно прашање. Како КПГ смета дека грчката држава би можела и би требала да ја признае оваа земја? Како? Со кое име? Како ќе ги викаме овие луѓе, што велите? Ни велите дека терминот „Македонија“, самото нивно име е иредентизам. Или јас не го читав добро Ленин кога бев мал или вие нешто не правите како што треба, рече Ципрас во неговиот говор.

Додека во грчкиот парламент траеше расправата и пред пратениците говореа лидерите на политичките партии, пред парламентот се одржа протест против договорот од Преспа, далеку помалку масовен од оној во неделата.

Демонстрантите извикуваа „Македонија е грчка“, „Скопјане, нема никогаш да станеш Грк“ и слично, преку плакати побараа референдум, но и оставка од грчкиот претседател Павлопулос.

Грчката полиција приведе 135 лица од кои 10 беа уапсени. Демонстрациите повторно завршија со инциденти, а повреден беше еден полицаец.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ