Денеска изборите се подалечни отколку вчера

Големиот број новозаболени од Ковид 19 ги потиснува во втор план обидите да се договори термин за избори прифатлив за сите партии.

Политички спротивставените страни – со меѓусебни обвинувања кој е најодговорен за настанатата ситуација.

ВМРО ДПМНЕ смета дека со 52-ца заболени за 24 часа, воопшто не треба да се разговара за избори.

Убедени се дека Владата потфрлила, а паралелно со неа и Комисијата за заразни болести.

Бараат нејзино разрешување и итно формирање нова комисија, составена од експерти и од надпартиски кадри кои итно би донеле пакет мерки за заштита на здравјето на граѓаните.

Во СДСМ сметаат дека министерот за внатрешни работи Наќе Чулев го загрозува здравјето на граѓаните.

Полицијата не презела ништо кога се прекршувале забраните за собири и за движење.

Со својата изјава дека не треба да има казнување, и со несовесно и незрело однесување, Чулев придонел за масовно непочитување на мерките, велат од СДСМ.

Иако од партиите деновиве доаѓаа сигнали дека изборниот ден само што не е договорен за првата половина на јули и дека партиите ги делат само неколку дена, денеска се чини дека закажувањето избори е подалеку отколку што беше вчера.

Премиерот Оливер Спасовски вели дека лицитирањето со датуми никому не му оди во прилог бидејќи врвен приоритет е заштита на здравјето на граѓаните.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ