Денес партиите ќе треба да се изјаснат за кампањата за референдум во Собранието

Во кампањата „за“ референдумското прашање ќе учествуваат партиите од владејачкото мнозинство СДСМ, ДУИ, но и Беса, ДПА и Алијансата на Албанците. Најверојатно само пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во кампањата за референдумот со средствата наменети за нив што Владата ќе и ги префрли на Собранието. Од партијата и вчера посочија дека се откажуваат од парите, и дека најверојатно во среда ќе испратат официјален допис до претседателот на Собранието Џафери.

Собранието неделава има интензивна агенда за работа. Само за денеска се закажани неколку седници, а во дводневна посета на Парламентот ќе бидат и неколку американски сенатори. Седница треба да одржи и Комисијата за избори и именувања, на која треба да бидат избрани први луѓе на повеќе институции и комисии, кои останаа без раководен кадар и членови.

На 29 август односно во среда е закажана собраниска седница, на која на дневен ред би требало да бидат точките што денеска ќе го минат комисискиот филтер како и други кои заостанаа пред одморите. Од кадровските прашања се очекува констатирање на престанок на мандат на пратеникот Петар Атанасов и негов избор за заменик министер во МОН, како и верификација на мандатот на неговиот насленик од СДСМ.

Сепак, во фокусот на јавноста освен прашањата за директор на ОТА, главен ревизор и одлуката за патните трошоци на пратениците, е референдумската кампања што треба да ја спроведе Собранието.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ