Ден за историја – Светските медиуми го проследија македонско-грчкиот договор

Парафот во Преспа кој става крај на долгогодишниот спор за името меѓу Македонија и Грција е меѓу главните вести на медиумите од регионот и светот. Бугарските новинари пишуваат дека веќе станале соседи со Република Северна Македонија.

Во Грција по вчерашната интезивна расправа за интерпелација на Ципрас следеа и протести во Атина, како и во Мала Преспа каде беше употребен и солзавец за да се растера толпата.

За едни договорот е историски, но за опозицијата истиот е проблематичен. Пачос Мандравелис во колумна за Катимерини пишува дека со овој договор нема ниту победници ниту поразени.

„Паметниковците на двете страни треба да престанат да се мршатат. Ајде да не фантазираме повеќе за победи, порази, триумфи и катастрофи. Договорот е само чекор напред кој долго време се чекаше. Треба уште многу да се работи и на тоа мора да се фокусираме за доброто на нашите народи, што е спротивно на тоа што националистите од двете страни се стремат“, пишува Пачос Мандравелис од Катимерини.

Владо Вурушиќ во коментар за хрватски Јутарни пишува дека Македонија сега ќе биде повторно во фокусот на меѓународниот интерес и борбата за превласт меѓу истокот и западот.

„Треба да се почека и да се види како Русија ќе се постави бидејќи е познато дека Москва има добри врски со ВМРО-ДПМНЕ и застана во одбрана на Груевски. Однесувањето на Москва ќе биде важно да се следи“, пишува Владо Вурушиќ од Јутарни.

Ројтерс оцени дека со овој пакт се менува референцата Поранешна Југословенска Република Македонија и потсетува дека се уште е потребна ратификација во двата парламента за што засега нема силни гаранции дека ќе се случи.

Веста без повеќе коментари ја пренесоа СНН, ББС, НБС, АФП и многу други светски агенции.

Христијан Станоевиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ