
Ден Дончев под истрага- примил 50 илјади евра од Австралија, а не ги пријавил
Три истражни институции тргнале во потрага по вина како доскорешниот директор на фондот за здравство Ден Дончев се стекнал со околу 50 илјади евра, и не ги пријавил.
Истрагата ја води обвинителството за организиран криминал, а неодамна побарале од управата за финансиско разузнување да им влезе во трага на парите на Дончев, открива неделниот весник “Фокус”.
Обвинителката Вилма Русковска, ја потврди истрагата, и не откри детали дали станува збор за поголема афера во која Дончев е вмешан.
Дончев давал услуги од областа на маркетингот и подобрување на бизнис процесите на македонската фирма „ремаркет“ со седиште во с. Муртино која го продавала мислењето на австралиската „Мегантик“ со што Дончев се стекнал со 6 месечни плати или вкупно 50 илјада евра, велат за неделникот Фокус од „Ремаркет“.
Во случајот влета и државната комисија за спречување корупција која спротивно од фирмата која го ангажирала и исплатила констатира дека функционер не смее да има приливи од консултантски услуги.
Дончев, знае за истрагата и нема намера да ја напушти земјата. Категорично тврди дека не перел пари.
„Во претходните 20 години не е прв пат да се води истрага од државните органи против мене. Притоа, без разлика кој бил на власт и кој ја водел таа истрага, било констатирано дека сум работел според законот. Категорично отфрлувам било каква категоризација дека со овие примања станува збор за перење пари” – рече Дончев за “Фокус”.
Тој, тврди дека исплатените средства од македонската „Ремаркет“се уредно пријавени во Управата за јавни приходи.
Дончев од „Ремаркет“ бил анагажиран во 2018-тата, но оваа фирма која нема активности туку служи за ангажирање работна сила со седиште во с. Муртино и канцеларија во трговскиот центар Глобал постоела 7 години и не е ништо ново на пазарот објаснува за Телма Дончев.
Дончев неочекувано понуди на владата оставка заради семејни и родителски причини, владата ден потоа му ја потврди со што заврши директорувањето во Фондот на поранешниот пратеник, и директор на Телеком како кадар на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа Обединети за Македонија .
Павле Беловски