
Ден Дончев: Немаше блокада за купување на Диамед
Директорот на ФЗО Ден Дончев тврди дека не било блокирано купувањето на домашната фирма Диамед од страна на фирмата Диаверум од Шведска, како што тврди поранешната сопственичка на Диамед, Вера Ивановска која поднесе кривични пријави против Дончев и министерот Венко Филипче.
ФЗО и Министерството за здравство се обидоа да го предупредат Диаверум Шведска за потенцијалните правни последици по истрагата која следи.
– Немаше никаков обид од Државата да се блокира влезот на Диаверум Шведска во Диамед. Централниот регистар уредно го префрли уделот од Вера Иванова и Смарт Холдинг Дубаи на Диаверум, а таа компанија веќе десет месеци стопанисува со Диамед Македонија, рече Дончев.
Тој истакна дека тврдењата на Вера Иванова дека е нанесена каква било штета кон Државата или буџетот е небулоза. Единствени вистински добитници од оваа трансакција се Вера Иванова на чија сметка легнаа 2.5 милиони евра тука и 9те милиони евра во Монако.
Според Дончев треба сите да сме свесни дека во овој случај станува збор за трансфер на сопственост од македонски до странски сопственици. Притоа претходните сопственици на Диамед се стекнале со концесија издадена под сомнителни околности на лица кои директно или индиректно беа во врвот на самата власт. Доколку судски се утврди ова, претставува злоупотреба на службена положба и овластување на некои од највисоките носители на тогашната власт.
– Претходните сопственици на Диамед при продажба на концесија се стекнуваат со 12 милиони евра. За иронијата да биде поголема, 9 милиони евра ги префрлаат во странство со комплексна мрежа на трансакции криејќи се зад панамски фирми под изговор дека, цитирам: “Сакаат да инвестираат во странство!”, објаснуваше директорот на ФЗО пред новинарите.
На крајот потсети дека единствена финансиска вредност што државата доби се исплата на 7.500 денари месечен надоместок кој за воља на вистината Диамед Македонија уредно ги плаќал.