Ден „Д“ за премиерката Тереза Меј

Ден „Д“ за премиерката Тереза Меј. Вечерва за последен пат ќе се обиде да ги увери британските парламентарци да го поддржат договорот за повлекување на нејзината земја од ЕУ. Дел од нејзините сопартијци, од Конзервативната партија, но и целата опозиција не се согласуваат со премиерката. Таа ги повика уште еднаш да го проучат договорот, и одби да го одложи излегувањето од унијата, догворен за 29 март.

„Не, не е совршен, но е компромис. Но кога ќе се пишуваат книгите по историја, луѓето ќе ја гледаат одлуката…Луѓето ќе ја гледаат одлуката на оваа куќа и ќе се прашаат дали го исполнивме гласот на земјата за да ја напуштиме ЕУ? Дали ја заштитивме нашата економија, нашата безбедност или нашата заедница или го разочаравме британскиот народ?

Спорно во овој договор за неподдржувачите е што не е чист, односно Велика Британија економски се уште би била зависна од ЕУ.

„Народот гласаше за напуштање. Не гласаа за договор, гласаа за заминување. И овој договор не ни дозволува чисто да си заминеме“.

Големи се шансите договорот да падне. Се откажаа и десетте пратеници од Унионистичката партија. Опозицијата вели дека ако нема поддршка, ќе бараат предвремени избори. Јавноста се повеќе навива за втор референдум, што за познавачите е бесконечен процес.

„Ако имате референдум по референдум, тоа никогаш нема крај. Вториот наскоро ќе доведе до дискусија за трет, и потоа и четврти“…

Брисел будно ја следи ситуацијата, и најави дека е можно да продолжат преговорите ако не успее денешното ризично гласање во паралментот. Лондон и Брисел по две мачни години, успеаа да се договорат за нивниот развод, но тој запна токму во британскиот парламент. Неуспешното денешно гласање ќе отвори врата за негативни сценарија, како Брегзит без договор или „тврд Брегзит“. Овие сценарија би создале хаос во економијата и транспортот како на Островот, така и во ЕУ земјите. Меј ќе има рок до наредниот понеделник пред парламентот да го изнесе новиот предлог, но таа до сега одбиваше да шпекулира за евентуалниот план Б.

Алиса Шакири

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ