
Демонстрации на македонските иселеници во САД, Австралија и Европа – Во Мелбурн запалена слика на Заев
На собири под мотото „Ние сме Македонија“ македонските иселеници во САД, Австралија и низ Европа вчера и денеска протестираат против промена на уставното име на Македонија.
Македонците во Австралија излегоа на протести низ улиците во Перт, Мелбурн, Бризбејн и Сиднеј, во знак на поддршка и промовирање на нивните национални интереси, човекови права и право на самоопределување.
Дејли Мејл – Австралија, известува дека протестите се против негирање на македонското име и идентитет и за подигнување на свеста за борбата за зачувување на македонскиот идентитет и името Македонија.
На масовниот митинг во Сиднеј имало околу 30.000 луѓе, околу 10.000 повеќе од очекуваните од организаторите, пренесува австралиски Дејли Мејл
Демонстрантите кои се собраа во Сиднеј, ја пееја националната химна и маршираа низ улиците, извикувајќи “Македонија”.
Тие ги прогласија за ,,непожелни личности“, Зоран Заев, Никола Димитров и Радмила Шекеринска, доколку го сменат името на Република Македонија.
Портпаролот на движењето „Ние сме Македонија“, Џош Шерман за австралиските медиуми кажал дека откако Грција нелегално ја окупирала Македонија во 1913 година, постојат немири во земјата. Според него, денешниот митинг бил демонстрација на резилиентноста на еден измачен и под опресија народ.
„Ние не сме агресорот во оваа ситуација. Ние сме едноставно еден скромен, антички и мирољубив народ кој го бара правото да биде третиран со достоинство и почит во заедницата на светските нации. И најважно од се, да бидеме третирани како Македонци“, кажа Џош Шерман.
Протестите во Австралија не поминаа и без инциденти. Македонските иселеници во Мелбурн ја запалија фотографијата на премиерот Зоран Заев. Демонстрантите беа облечени во патриотска облека со знамето на етничка Македонија и ја пееја песната “Оган да го изгори”.
Собирот во центарот на Вашингтон учество зедоа организации и групи од Њу Џерси, Масачусетс, Њујорк и Вашингтон. Тие од македонската Влада бараат прекин на преговорите со Грција и заштита на македонскиот идентитет.
„Смислата на нашиот апел не е да критикуваме, ние не сме против никого и не шириме шовинзам, туку се работи за одбрана на основните права. Нашите предци се избориле државата да се вика Македонија и со борба го сочувале името. Тие ни го предале тоа право и наша цел е да го зачуваме“, кажа Горан Митревски
Од движењето наведуваат дека и покрај фактот што 137 земји ја имаат признато Македонија под уставното име, сегашната влада преговара за негова промена во услови кога Грција поставува максималистички барања и го негира македонскиот идентитет и нација.
„Ние сме Македонија“ бара големите сили да се вмешат во преговорите. Решението да се бара со меѓународна спогодба помеѓу двете земји гарантирана од постојаните членови на Советот за безбедност.
Слични собири се одржуваа во неколку градови во Нов Зеланд, Холандија, Британија, Италија, Чешка, Словенија и Малта.
Ивор Мицковски