
Демонстрантите од Собранието се упатија кон седиштето на ВМРО-ДПМНЕ
Граѓани незадоволни од Договорот за името со Грција, попладнево повторно се собраа на протест пред Собранието. Истовремено во Собранието почна седницата на која се расправа за ратификација на Договорот со Грција.
Откако ВМРО-ДПМНЕ ја напушти работата на Собранието граѓаните, од законодавниот дом се упатија кон седиштето на најголемата опозициска партија од каде што побараа од лидерот на партијата Христијан Мицкоски, да ја извади ВМРО-ДПМНЕ на улица.
Тие претходно, додека беа пред Парламентот, побараа оставка од Владата и во знак на револт запалија копија од договорот со Грција, пеејќи ја истовремено македонската химна и песната „Едно име имаме“.
– Нема да дозволиме да помине овој договор, извикуваа незадоволните граѓани. Тие воедно ја повикаа ВМРО-ДПМНЕ да излезе од Собранието и да не го поддржи Преспанскиот документ.
Според граѓаните кои протестираат пред Собранието, референдум воопшто не треба да има.