Демолиран зелениот кров во изградба на ГТЦ

На видеото од безбедносните камери во ГТЦ, кое го лиферуваше на Фејсбук, градоначалникот Шилегов, се гледа како непознат сторител, крева и руши делови од зелениот кров во изградба. Сторителот искршил  дел од инсталациите и друга опрема, вели градоначалникот Шилегов. Доколку се констатира голема штета, градоначалникот ќе бара притвор за сторителот.

  • Во моментов се проценува висината на штетата , која што најверојатно е пообемна, зашто е оштетена инсталацијата. Тоа претпоставува дека ќе стане збор за гонење за сторено кривично дело по службена должност. Доколку се констатира таква работа, јас ќе побарам од ЈО  да изрече мерка притвор за сторителот. Бидејќи не можеме како град , да дозволиме да биде уништувано јавното добро, да биде уништувано тоа што го правиме со парите на граѓаните, изјави Шилегов.

Денеска состојбата е поинаква.

  • На терен сликата е следна. Од левата страна се гледаат искршени греди од синоќешното демолирање, а од десната страна-градежни работници работат на изградбата на зелениот кров, кој поради демолирањето, како што рече градоначалникот Шилегов, ќе биде отворен малку подоцна од предвиденото.

Од МВР велат дека случајот е пријавен кај нив и се работи на расчистување. А, како што неофицијално дознаваме, сторителот е сопственик на хотел во рамките на ГТЦ кој не работел повеќе месеци. Тој од револт го извршил демолирањето, зашто не му било дозволено на дел од кровот да направи тераса за угостителски објект од  хотелот што сакал да го пренамени..

Зелениот кров на ГТЦ се гради од почетокот на годината, со цел, како што најавија од Град Скопје, да се намали загревањето во центарот на градот. За зелениот кров ,Град Скопје предвиде 550 илјади евра. Партнер во проектот е UNDP, кој го направи термалното мапирање. Проектот за зелен кров на ГТЦ, што го изработи „ Дом-дизајн“,  беше критикуван од архитектите, како старомодно и профитерско решение, по што тие беа вклучени во неговите измени. На површина од 1800 метри квадратни ,проектот првично вклучуваше 29 дрвја, 30 садници,  3 фонтани, шаховска табла, бина, кафе бар, клупи, корпи за отпадоци и паркиралишта за велосипеди.  

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ