Деловникот не дозволува јавна дискусија за Изборниот законик

            Во оваа фаза, не може да се организира јавна дискусија за менување на Изборниот законик.

           Таквата потреба ја утврдува Собранието на пленарна седница, по предлог на Комисијата за политички систем, објаснува спикерот Талат Џафери и потсетува дека ниту комисијата донела таков заклучок ниту тоа е побарано од целиот пратенички состав.

           Собранието донесе сосема поинаква одлука: двете измени на изборното законодавство да одат по скратена постапка.

            Претседателот на Комисијата за политички систем Александар Кирацовски веќе закажа јавна расправа за воведување една изборна единица и отворени листи иако, како што вели Џафери, во Деловникот не постои ниту таков термин, туку се нарекува јавна дискусија.

           Седницата на комисијата ќе се одржи подоцна, кон крајот на наредната недела, откако ќе се преведат сите 5 илјади 900 амандмани поднесени од ДУИ и ВМРО ДПМНЕ.

           Дискусијата не може да се ограничи, што значи дека предложените измени нема да стигнат на гласање во овој пратенички состав. Невладините се согласуваат дека е потребна сериозна реформа на Изборниот законик, без временски притисок.

            Предлагачите се надеваат дека јавната дискусија може да ги натера ВМРО ДПМНЕ и ДУИ да ги повлечат амандманите.

            Измените на Изборниот законик ги предложија 17 пратеници главно од помалите партии и етнички заедници. СДСМ им даде поддршка, бидејќи се работи и за нивно изборно ветување.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ