
Седницата за законот за ЈО закажана за 21 часот
Седница на која треба да се расправа за предлог-законот за јавно обвинителство и за предлог-законот за јавни обвинители е закажана за вечерва во 21 часот. Претходно претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека ќе закаже седница за законот само ако има обезбедено двотретинско мнозинство.
Пратениците беа повикани да бидат присутни во законодавниот дом во 15 часот, кога според првичните информации требаше да се одржи седницата за двата закона, кои вчера поминаа во Комисијата за европски прашања и во матичната Законодавно-правна комисија.
Нема рок колку време треба да трае расправата за законите, според првичните информации, постои можност да заврши денеска, а за нив евентуално да се гласа следните денови. Собранието треба да се распушти најдоцна до недела, со цел да се запазат роковите за одржување на предвремените парламентарни избори, на 12 април.
Двотретинско мнозинство е потребно за законот за ЈО, кој не е официјален услов за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ, но сепак од високите европски претставници се споменува како позитивен сигнал кој би можел да го придвижи процесот. Неофицијално, владејачкото мнозинство веќе има обезбедено двотретинско мнозинство со пратениците на БЕСА, но се уште се лобира меѓу пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и помеѓу останатите партии кои ги претставуваат Албанците во Собранието.