Деканите ја демантираат Антикорупциска, прекршочните ќе почекаат

Тројца декани ја демантираа Антикорупциската комисија, откако вчера беа посочени со име и презиме дека не поднеле анкетни листови за имотната состојба и им беа најавени прекршочни пријави.

Деканот на Шумарскиот факултет, Кирил Сотировски, тврди дека, анкетниот лист го поднел на 29 декември 2016 година, шест дена по неговото назначување за в.д. декан на  факултетот. Демант стигна и од в. д деканот на Факултетот за музичка уметност,  Димитрие Бужаровски, кој на оваа позиција е назначен на 11-ти февруари оваа година и  се уште не е поминат законскиот рок од триесет дена за поднесување на анкетниот лист. Вчера реагираше и деканот на Стоматолошки факултет, Киро Ивановски, кој испрати и доказ, дека доставил два анкетни листа, од кои последниот на 13-ти декември 2017-та година.

Антикорупционерите не се чувствуваат виновни за јавното вперување со прст, но најавија дека прекршочните пријави ќе почекаат додека не се утврди кој е во право. Вината за пропустот ја префрлаат кај останатите институции.

Од комисијата им се заканија и на раководителите на институциите кои вршат избор или именување, дека ќе поведат постапки и против нив, доколку не ја спроведуваат законската обврска за доставување на податоци. Велат дека се работи за системски слабости, кои сакаат да ги отстранат со воведување на софтверско решение. На списокот кој беше објавен вчера, се најдоа 24-ца декани на факултети, како и двајца директори и двајца заменици директори на Институти, кои, според антикорупционерите не доставиле анкетни листови. Казната за овој прекршок се движи од 300 до 500 евра.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ