Дефект на претоварната станица кај тетовски Требош

Голем дел од комуналнот смет собран од тетовските домаќинства наместо во скопската депонија Дрисла, завршува на земја во дворот на претоварната станица кај тетовски Требош.

Тетовските комуналци, очигледно не се во можност сиот смет да го транспортираат во скопската депонија. Локацијата каде се претовара отпадот, на само неколку километри од градот, е претворена во дива депонија.

Граѓаните реагирааат дека од правецот на претоварната станица во вечерните часови се шири неподнослива миризба. Синоќа велат дека градот бил прекриен со облаци од чад и голема смреда. Неколку часа не можеле од дома да излезат, ниту прозорец да отворат. Претпоставуваат дека се запалил сметот кај претоварната. Ваката еколошка катастрофа истакнаа се случува во изминатите десет дена.

Од Јавното комунално претпријатие Тетово, велат дека се појавил дефект на претоварната станица. Очекуваат за неколку дена да им пристигне нов дел од Хрватска, кој ќе биде монтиран на станицата, која пак ќе биде ставена во функција. Изјавија дека засега во рамки на можностите, со големи камиони го носат сметот во Дрисла. Негираат дека ѓубрето кај претоварната деновиве горело.

Од Еко Герила, велат дека според состојбата на терен Општината не е способна да менаџира со сметот. Бараат централните власти да ги преземат ингеренциите за претовар и транспорт на тетовскиот отпад.

Тетово околу една деценија се соочува со проблеми околу менаџирање на комуналниот смет. Летоска дивата депонија на влезот од градот целосно се запали, Тетово беше прекриен со густ црн чад. Со помош на централната власт цела депонија беше исчистена. Но, деновиве тетовци пак се соочија со дива депонија, но само на разлина локација.

Зоран Димовски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ