
Датум за избори ќе се бара на нова лидерска во понеделник
Во понеделник напладне партиските лидери уште еднаш ќе се обидат да договорат датум за избори. Претседателот Стево Пендаровски, кој повторно ќе им биде домаќин, смета дека шансите за договор се 50:50. Посакуваните датуми се во распон поголем од еден месец. Доколку вонредната состојба се укине после 14 дена, од СДСМ бараат, изборите да се одржат во рок од 22 дена, односно на 21 јуни. Партиски извори го ставаат во игра и датумот 28-ми, но никако не се за избори во јули.
Од ВМРО ДПМНЕ не сакаа да зборуваат за можниот датум.
ДИК му достави мислење на претседателот Пендаровски во врска со изборите и потребната временска рамка. Во него, Комисијата смета дека е потребно владата да донесе нова уредба со законска сила и да пропише нови рокови за Избирачкиот список и за увидот во него. Таа уредба, стои во мислењето на ДИК, треба да биде прилагодена на сегашната фаза во која се наоѓаат изборите.
Но, во комисијата сепак има разијдување околу роковите. Претседателот Деркоски смета дека, не е возможно да се одржат избори за 22 дена затоа што нема избирачки список. Тврди дека, со скратени рокови им се потребни најмалку 35 дена за прочистување на списокот, плус 20 дена за кампања. Владината уредба забранува ДИК да врши изборни дејства за време на вонредна состојба, а со непочитување на минималните рокови, би се прекршил Изборниот законик. Но, неговиот колега Кондарко не се согласува. Смета дека е логично роковите да бидат пократки и дека се` може да се заврши за време на тие 22 дена по завршувањето на вонредната состојба.
Од МНР објавија дека мисијата на ОБСЕ одговорила позитивно на нивното барање за набљудување на изборите.Не сакаа да откриваат детали, велејќи дека ќе ги соопштат на лидерската средба.
И Комисијата за заразни болести веќе изготви протокол за спроведување на изборите кои ќе бидат со посебни правила.
Далиборка Демјанска