
Македонија нема да ги влошува односите со Унгарија и соседите поради Груевски
Македонија ниту со Унгарија, ниту со соседните земји нема да ги влошува односите поради бегството на Груевски. Ова е ставот на шефот на дипломатијата Никола Димитров кој за тоа дали дипломатската реакција на Македонија кон Унгарија ќе се задржи само на протестното писмо или ќе оди чекор понатаму, рече дека земјава во тоа ќе мора да ја вкалкулира и поддршката од Унгарија за ЕУ и НАТО.
„Принципот на владеење на правото е силен државен интерес и тој ќе биде земен предвид при сите идни контакти и чекори што како дипломатија ќе ги направиме со Унгарија. Меѓутоа, да најавувам нешто апсолутно ќе штети на самиот интерес. Ние имаме интерес Унгарија да не поддржи за НАТО членство, за почеток на пристапни преговори. Така што сето ова заедно мора да се земе предвид“, изјави Никола Димитров, министер за надворешни работи на Македонија.
Димитров најави дека отворено ќе разговара со својот унгарски колега Сијарто за азилот на Груевски на министерскиот состанок на НАТО на 4 и 5 декември во Брисел. Тој давањето азил од страна на Будимпешта го нарече иронија и парадокс бидејќи се работи за човек под чие владеење ЕК земјава ја оцени како заробена, кој има пресуда, четири други обвиненија и пет истраги, да добие азил во земја членка.
Црногорскиот министер за надворешни работи пак денеска информираше дека Црна Гора во случајот на бегството на Груевски и неговото транзитирање низ нејзина територија ги информирала македонските служби и постапила по сите правила.
„Ние немавме никаков правен основ да го задржиме македонскиот граѓанин, односно поранешниот премиер во автомобил со дипломатски таблици на странска држава, бидејќи во моментот кога тој поминувал преку територијата на Црна Гора, на нашите гранични премини немаше никаков сигнал дека се работи за лице кое е надвор од законот. За се ги информиравме службите за безбедност на Македонија. Така што од страна на Црна Гора немаше никакви игри или скриени дејствија“, изјави Срѓан Дармановиќ, министер за надворшени работи на Црна Гора.
Димиторв за тоа дали е побарана информација од Србија и Албанија за бегството на Груевски информираше дека в.д. амбасадорот во Тирана веќе имал средба во албанското МВР за информациите кои тие ги имаат, а постои комуникација меѓу двете земји и на други нивоа надвор од дипломатските,а амбасадата во Белград добила насока да побара средба во српскотот МНР и официјални информации, која до денеска се уште не е одржана.
Случајот на Груевски за Димитров покажува и колку е важана регионалната соработка и оти Македонија нема интерес да ги влошува односи во регионот.
Тамара Грнчаровска