
Дали власта преку законски измени ќе го ограничува правото на протест?
Минимум 50 граѓани да можат да организираат протест, наместо досегашната бројка од 20 луѓе, предвидува новиот предлог-закон за изменување на законот за јавни собири кој го предлага министерството за внатрешни работи.
Покрај оваа одредба, се менуваат и дел од условите за местата каде е забрането да одржуваат јавни собири.
Покрај досегашните забранети локации како автопатишта, болници и градинки и училишта, МВР во предлог-законот додава уште неколку одредби во членот 2 – странските амбасади, објекти и простори од интерес за безбедноста на државата, како и седиштата на органите на државната власт и просторот околу нив, одредба која беше најконтроверзна кај корисниците на социјалните мрежи. Во предлог-законот исто така се додава одредба во која лицата кои присуствуваат на јавниот собир не смеат да носат средства на лицата и главата кои го отежнуваат утврдувањето на нивниот идентитет, а се одредува и временски период во кој може да се одржува јавниот собир – од 06 до 23 часот.
Со новиот предлог-закон истовремено се дефинира многу подетално улогата на редарите на јавните собири, а драстично се намалуваат и паричните казни за оние кои прекршуваат одредби поврзани со организација на јавниот собир. Од МВР, како причина за измена на законот посочуваат дека досегашното применување на актуелниот закон за јавни собири покажал повеќе недостатоци во неговата имплементација а целта на измените е да се зголеми ефективноста и ефикасноста на работата на полицијата.