
Дали УБК има доволно опрема за сите институции да го преслушуваат она што е прислушувано?
Британската Гамма груп не е непозната во македонските безбедносни служби, всушност голем дел од опремата која УБК ја набавуваше изминатите години, за кои има и подигнати обвиненија од СЈО, се од оваа фирма. Бидејќи со реформите, се менува концептот, нејасно е дали опремата ќе се доградува или она што го има во УБК ќе биде подделено на ОТА и на останатите агенции кои имаат право да прислушуваат во рамки на свои постапки.
Во еден од промотивните материјали на компанијата Гамма од 2010-та година стои шема која сличи на она што сега го има во законот за оперативно-техничка агенција- ОТА. На шемата во средина се гледа медијаторот кој треба да ги снима комуникацииите и потоа да ги предава на безбедносните органи. 8 години подоцна во законот за ОТА кој го помина првото читање стои слична дефиниција на шемата, ОТА треба да биде само медијатор односно извршител на барањата на институциите кои имаат право да бараат следење на комуникации.
Бидејќи ОТА само ќе снима, материјалот ќе биде препратен до институцијата која го барала следењето. Такви институции има вкупно 5, МВР со Бирото за јавна безбедност и УБК, воената безбедносна служба, финансиската полиција, царината и обвинителството. Досега УБК прислушуваше за сите, ги анализираше податоците, ги задржуваше за себе, и ги доставуваше на тој што ги барал. Во тој корпус на обврски – поединци во УБК успеаја да предизвикаат злоупотреби на системот. Сега таа опрема ќе се сели, но останува прашањето дали секоја од набројаните институци сами ќе имаат свој посебен центар за анализа на снименото, дали има доволно такви центри за анализа или допрва ќе се набавуваат.
Слична шема има веќе разработено Гамма груп, на оваа нивна публикација од 2010-та се гледа систем многу сличен на предложениот македонски, со еден мониторинг центар кој ги препраќа податоците до корисниците односно до надлежните органи кои бараат следење на комуникации. Истата компанија има разработено и модел како да се прибираат мета податоци за движење на комуникциските уреди, што кај нас е ставено во предлог законот иако беше под силна критика на експертите за заштита на човекови права. Со мета податоци многу лесно се утврдува каде се движело лице кое има мобилен телефон или таблет со пристап до интернет мрежа.
Миомир Серафиновиќ