Дали Охрид ќе добие пешачка зона во центарот на градот

Претставници на Општина Охрид, во рамки на меѓународен проект, во кој се вклучени седум други градови од Србија, Украина и Турција, работи на изготвување на физибилити студија за адаптирање на улицата „Македонија“ на градскиот кеј, во пешачка зона. Од локалната самоуправа појаснуваат дека конечната одлука околу идното сообраќајно уредување на кејот ќе зависи од резултатите што ќе се добијат од интергрираната студија за Охрид, која е во фаза на изготвување, во рамки на која во моментов се работи на парцијално снимање на сообраќајот во центарот и старото градско јадро на Охрид.

„Овој период идната година ќе заврши комплетното студиозното снимање на сообраќајот и таа сообраќајна студија и за идната година веќе ги имаме припремните проекти и за кејот и за улицата „Кеј Македонија“, вели охридскиот градоначалник Јован Стојаноски.

Идејата околу евентуалното адаптирање на сообраќајницата од градскиот кеј во пешачка зона ги подели претставниците на локалната и централната власт кои се од иста политичка опција. „Не постои град на езеро или на море во Европа – атрактивна туристичка дестинација – каде што главната сообраќајница што се протега по крајбрежјето – непосредно покрај кејот, променадата или шеталиштето – се затвора за одвивање на моторен сообраќај…“ напиша на својот фејсбук профил пратеникот и доктор по сообраќајни науки Томислав Тунтев.

„Таквата сообраќајница, што ги исполнува сите инфраструктурни, градежни, технички и сообраќајни стандарди и услови за одвивање на моторен (динамички и стационарен), велосипедски и пешачки сообраќај, никогаш не се претвора во пешачка зона… напротив, таа улица во сите туристички урбани центри е главна собирна сообраќајна “артерија”, што еднонасочно ги “впива, води и извлекува” сите сообраќајни текови од старото градско јадро и централните пристапни улици и овозможува непречено, безбедно и уредно одвивање на сообраќајот.“, пишува Тунтев.

Изминатиот период беа спроведени анкети за испитување на јавното мислење за адаптација на улицата на кејот „Македонија“ во пешачка зона, кои ќе бидат соопштени во понеделник. Резултатите, како што е најавено, ќе бидат анализирани и искористени во понатамошните фази на проектот за уредување на градскиот кеј во Охрид.

Горан Момировски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ