
Дали Македонија ќе стане црна точка за трансплантација на органи
Приватните болници ќе може да конкурираат за добивање лиценца за изведување трансплантација на органи и ткива. Наскоро ќе биде објавен јавниот повик, откако изминатите денови Владата ги објави регулаторните одлуки за овој процес и притоа ги утврди одлуките за издавање лиценци.
Министерот Филипче уверува дека се предвидени заштитни мерки од евентуални криминални злоупотреби на системот.
Во мај, претставници на Еуротрансплант под чиј надзор ќе се спроведува целиот процес ќе ја посетат Македонија.
Телма дојде до писмо од февруари 2014 година, испратено од страна на Меѓународната организација за трансплантација како и Националниот координатор на Хрватска е наведена реакција до Министерството за здравство и тогашниот министер Тодоров, дека не е безбедно во системот за трансплантација на органи и ткива да се вклучат и приватните болници.
Приватна клиника која ќе добие лиценца да изврши трансплантација, ќе биде обврзана во изведувањето на комплетниот зафат да вклучи и доктори од јавното здравство кои ќе бидат задолжени да набљудуваат, но и да се едуцираат.
Од здружението на бубрежно болни граѓани НЕФРОН реагираат позитивно бидејќи како што велат – ќе се овозможат повеќе опции за пациентите, а целокупниот процес ќе влијае позитивно и на подготвеноста на лекарите од јавното здравство.
Филипче се уште нема прецизен одговор дали приватните клиники ќе можат да трансплантираат и странски државјани, а дополнително ќе треба да се утврди и практиката.
Министерството допрва ќе треба да утврдува и како ќе функционира системот на органи од пациент во состојба на мозочна смрт.
Владата одлучи да додели три лиценци за трансплантација, а лиценцата ќе ја добие оној што ќе понуди највисока сума.
Во наредните денови, ќе биде објавен и огласот за избор на национален координатор за трансплантација, откако изминаа четири месеци по истекувањето на мандатот на Аспазија Софијанова.
Петар Догов