
Дали екстра лесното масло од државните резерви може да заврши како дизел кај превoзниците, прашаа пратениците
Намерите на власта да донесе закон со кој ќе продава дел од нафтените резерви што се чуваат уште од 2015, по цена која до 10 отсто пониска од пазарната, отвори серија прашања кај пратениците. Според познавачите, вели пратеникот Цуклев, овие нафтени деривати треба да бидат два пати годишно целосно обновувани, но тоа кај нас не е случај.
Овие деривати кои се чуваат од 2015 година во два резервоари, со кои стопанисува Дирекцијата за нафтени резерви, и воопшто не се обновени, и полесните составни делови се испарени и за овие нафтени деривати да бидат пуштени во промет треба или да се третираат со адитиви или во полош случај да се изврши рафинирање на истите, вели Драган Цуклев, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Иако се стари 4 години, квалитетот на резервите е добар, тврди директорот на Дирекцијата за нафтени резерви, Бекири. Дирекцијата вршела контроли три пати годишно преку овластени лаборатории, кои докажувале дека дериватите ги исполнуваат стандардите, но имаат рок уште една година, по што ќе го изгубат квалитетот.
Нафтените деривати имаат рок од 5 години, секоја година три пати се вршат контроли, квалитетот сега е на добро ниво и за да не дојде до губење на квалитетот, кој трае 5, а може и 6 и 7 години, но за да не чекаме толку за да падне квалитетот, затоа сега се врши обновување, вели Уљуси Бекири, директор на Дирекција за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати.
На собраниската комисија за финансирање и буџет, пратениците сепак не беа убедени.
Ако квалитетот е добар, зошто ги продавате со 10 отсто попуст, а потоа ќе купите со повисока цена, зошто да изгубите вредност, мене тоа не ми изгледа математички логично, вели Благоја Деспотовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Уште една дилема – со оглед што ќе се продава и екстра лесното масло – што ќе се случи ако тоа, наместо за загревање, заврши кај превозниците како дизел гориво.
Веќе сме во втора половина на грејната сезона, а оваа количина на екстра лесно масло е за една година, па прашањето е каде тоа ќе заврши, дали ќе се чува за следната грејна сезона, или ќе заврши на местото на дизел горивото во транспортот и превозниците ќе го користат како дизел, со оглед што екстра лесното има пониска акциза, вели Драган Цуклев, ВМРО-ДПМНЕ.
Екстра лесното нема да се употребува за транспорт, туку за греење, и ќе го купат лиценцирани компании, што ќе вршат контрола на квалитетот, вели Уљуси Бекири, директор.
Но, се поставува прашањето дали има лиценцирани домашни компании кои имаат доволно резервоарски простор кој би можел да ги прими количините што се продаваат и дали има исплатливост лиценцираните компании сега да купуват количини кои би ги чувале до следната грејна сезона.
Опозицијата реагираше и зошто во законот се кажува кои количини ќе се продаваат, бидејќи нафтените резерви се државна тајна, но Бекири тврди дека тајна е само местото каде што тие се чуваат.
Пратениците порачаа и дека државата е лош стопанственик и затоа резервите треба да ги чуваат приватни складиштари, но мора да се реши прашањето со нивниот надоместок, за што Бекири најави дека за тоа Правилник треба да донесе Министерството за финансии.
Нина Нинеска-Фиданоска