Дачиќ: Македонија го призна Косово да му се доближи на Западот

Уште неинаугуриран, новоизбраниот шеф на државава, Стево Пендаровски, ги доживеа првите критики, и тоа од соседството. Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денеска за телевизијата Пинк изјави дека Пендаровски без аргумент ги дал последните изјави дека Северна Македонија го признала Косово и поради стратегискиот интерес, но и затоа што Албанците се втората најголема етничка заедница во земјата, туку, според него, јужниот сосед тоа го направил само за да му се додовори на Западот.

„Тоа го направија само затоа што тоа е нивна стратешка ориентација, не поради Албанците.. Не држат тие аргументи бидејќи и Црна Гора го призна Косово, а таму Србите се втората етничка група во број. Каде е тука принципот? „Македонија не е фер кон Србија, затоа што Србија ја призна Република Македонија, иако тоа е спротивно на нејзините стратешки дефиниции, а една од нив е пријателство со Грција“, вели Ивица Дачиќ, министер за надворешни работи за Србија.

Ова следуваше откако Пендаровски, во интервју за белградска Политика, односите меѓу Северна Македонија и Србија ги оцени како многу добри, што според него, е заеднички интерес.

Во ова интервју новоизбраниот претседател на земјава ја даде и изјавата за признавањето на независноста на Косово, на која реагира Дачиќ.

Пендаровски верува дека позицијата на земјава кон Косово не ги оптоварува односите на двете земји, и лично ќе вложи максимални напори за нивно развивање во позитивна насока. Се надева на брза средба со српскиот претседател Вучиќ.

„Тука секако спаѓа и билатералната средба со претседателот Александар Вучиќ, на која се надевам веднаш по преземањето на функцијата претседател на Република Северна Македонија“, вели новоизбраниот претседател Стево Пендаровски.

Интервјуто на Пендаровски е објавено на насловната страница на денешна Политика, и веднаш предизвика реакција во соседната држава.

Прашан дали има решение за идеолошките, политичките, партиските и патриотските поделби и дали смета дека е можно граѓаните на земјава да се обединат во однос на Преспанскиот договор, Пендаровски за весникот рекол дека овој проблем е многу комплексен, но битно е дека Македонија и Грција имаат многу прогресивни премиери Заев и Ципрас, и дека договорот ги утврдува идентитетските прашања на македонскиот народ, како што се македонскиот јазик, културата и цивилизацијата.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ