Да се укине „Мој ДДВ„ за да се обештетат оштетените од прогресивниот данок?!

Мерката „Мој ДДВ„ да се укине, а со тие пари од буџетот да се обештетат граѓаните кои платиле повисок данок со воведувањето на прогресивното оданочување што владата деновиве го замрзна. Ова е барањето на ВМРО-ДПМНЕ, кое денеска го образложи поранешниот министер за финансии, Трајко Славевски. Вели и дека владата треба целосно да го укине прогресивниот данок, а не само да го одложи. Доколку не го сторат тоа, ова ќе биде една од првите мерки што ќе ја преземе ВМРО-ДПМНЕ доколку се вратат на власт.

Славевски вели дека со прогресивниот данок, СДСМ вовеле идеолошка конфузија, заснована на погрешни факти. Тврди дека со ова е направена  штета на повеќе полиња, почнувајќи од зголемена даночна евазија, бегство на капиталот во соседните земји, ниска наплата на даноците, заминување на млади ИТ професионалци и лекари од земјава, покачување на кириите на становите и деловниот простор, застој на странските инвестиции. Од друга страна, вели, не е постигната  целта за намалување на нееднаквоста, затоа што таа се намалува со други мерки за економски раст.

Сето ова го призна и премиерот, кој вчера изјави дека, прогресивниот данок не ги дал. Како причина го наведе опкружувањето од држави со ниски и рамни даноци. Рече дека, државата влегла неподготвена да ги заштити информатичарите, како и академската класа, која генерира приход над 18.000 евра годишно или 1.500 евра месечно, а кои отворале сметки и ги селеле своите компании во Косово, Србија и Бугарија, за да го избегнат повисокиот данок. Истовремено ја призна и можноста, поради тоа, странските компании да не се мотивирани да вложуваат во земјава.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев, пак, денеска  негираше дека тој влијаел врз одлуката на Владата да се врати рамниот данок, за да си ги заштити своите бизнис интереси. Според него, обештетување не  е можно, затоа што законите не важат ретроактивно.

Прогресивното оданочување  беше клучно предизборно ветување на СДСМ, кое деновиве министерката за финансии го замрзна до 2023-та година.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ