
Да се распредели кај судија … во ракопис, со потпис се делеле предмети во кривичен
Купишта документи со обвиненија, докази, искази на обвинети и сведоци и пресуди. Во шест големи папки се ноаѓаат предметите во кои Телма направи увид а кои се дел од 40 те обвиненија кои екс претседателот на кривичниот суд ги распределувал рачно кај судиите. За сите е заедничко што ги водело обвинителството за организиран криминал и корупција а процесите се одвивале во скопска единица. Но имаат уште еден заеднички именител.
На пет од шестте предмети во кои извршивме увид на задната страна од обвиненија со ракопис и пенкало е напишан датумот, кај кој судија да се даде предметот и потпис.
Предметите не е дозволено да се снимаат но според нашиот увид потписот не може да се дешифрира дали е токму на екс претседателот Владимир Панчевски. Обвинителството тврдеше дека е негов, но за докажување на автентичноста сепак се вршат вештачења.
Така на пример на обвинението од предметот КОК 13/13 на 12 април 2013 тата е напишано – да се распредели кај судија Павлина Христова. Таа се јавува и во друг предмет од 25 март истата година. И двата предмети се прераспределени кај неа но сепак на првиот предмет судијата до крај бил сменет па не Христова туку Горан Бошевски изрекол осум годишна затворска казна за трговија со малолетничка и силување.
Во вториот случај сепак Христова останала судијка па пресудила по четири години затвор за двајца шверцери на хероин од Македонија до Виена. Јавноста оваа судијка ја запозна откако ја донесе осудителната пресуда за предметот „Пајажина“ во кој сопственикот на телевизијата А1 беше осуден на затворска казна.
Два случаи пак рачно се прераспределени кај судијата Ивица Стефановски. И во двата донел осудителни пресуди за продажба на марихуана и за криумчарење мигранти. Инаку тој го судеше предметот „Монструм“, но во еден период во негови раце беа и предметите „Пуч“ и „Поткуп“ во кој беше обвинет премиерот Зоран Заев. Се кандидираше и за претседател на кривичниот суд во 2017 но не беше избран.
Предметот 27/13 пак требало да биде даден на судијката Дијана Груевска и тој како што е напишано рачно така и е распределен – кај Груевска. Таа во еден период од Панчевски беше назначена за негов заменик а јавноста се сеќава на неа и по осудителната пресуда за новинарот Томислав Кежаровски. Во обвинението пак кое е поднесено против екс претседателот на најголемиот суд во земјава се вели дека со писмен параф и усна наредба давал насоки кој предмет каде да се даде.
Тој пак на својот фејзбук профил се огласи дека се работи за фингиран предмет за Акмис систмот.
„Со фингираниот предмет Јавното обвинителство и власта потонуваат скоро 47 судии и исто толку јавни обвинители во прв степен, и сите судии кои постапуваат на кривична материја во Апелациониот суд во Скопје и Врховниот суд, Вишото Јавно обвинителство и Јавното обвинителство на Република Македонија. Со ваквиот потег власта амнестира 47 предмети од областа на организираниот криминал и корупција правосилно завршени во сите судски инстанци!“, напиша тој.
Инаку во моментов Владимир Панчевски е суспендиран од Кривичниот суд токму поради поднесеното обвинение за злоупотреба на Акмис-от. Меѓу предметите кои според обвинителството се распределувале рачно има и два на СЈО, а тоа се „Шамарите во Центар“ и „Тврдина 2“ кај судијките Татјана Михајловска и Лидија Петрова.
Билјана Николовска