
Да нема хидроелектрани секаде кадешто се штити природата, бараат екологистите
Владата се договори за изградба на 22 мали хидроелектрани во земјата. Дел од нив треба да се градат во места кои се заштитени подрачја и кадешто е забрането да се уништува природата. Тоа наиде на големо негодување кај еко-активистите. Тие имаат список кои локации се загрозени.
„Во Маврово и во Пелистер има по една, има три на Шар Планина, една на Јабланица, две на Кожуф, две на Јакупица, и едно подрачје е подрачје од значење за птиците,“ објасни Ана Чоловиќ – Лешоска, Еко-свест.
Министерството за животна средина на почетокот на годината ги повика понудувачите да се понудат за да добијат концесија за проектирање, изградба и ставање во функција на хидроелектраните.
Пет месеци подоцна Владата додели концесии. Сепак на некои места нема да има хидроелектрани иако беа во првичните планови.
„22 мали хидроелектрани добиваат концесија. Три понуди се одбиени поради тоа што се во подрачја коишто се заштитено подрачје, односно национални паркови,“ на 16 мај рече Миле Бошњаковски – Портпарол на Владата на Р.С. Македонија.
Активистите им одговорија на надлежните. Не се доволни трите локации. Да нема хидроелектрани секаде кадешто се штити природата – побараа од Еко-свест.
„Согласно последната одлука на Владата од 14 мај беа недоделени односно исклучени од тендерот. Едната во Маврово, едната во Пелистер и едната на Јабланица, со образложението дека станува збор за национални паркови или предложени национални паркови. Е, сега кој е клучниот проблем тука? Не е само Јабланица предложена за национален парк. И Јабланица и Кожуф и Јакупица се!,“ објасни Ана Чоловиќ – Лешоска, Еко-свест.
Активистите се надеваат дека Владата ќе ја преиспита одлуката која веќе ја донесе.
Во февруари испратиле допис до Илинденска број 2 и објасниле зошто не смее да се се градат мали хидроелектрани во места кои се заштитени подрачја. Бараат да не трпи природата заради енергетската ефикасност.
Петар Догов