Да не ги примораме пациентите да се лекуваат во приватните болници – порачаа од Синдикатот на Клинички

Повеќе од два месеци откако последен пат Филипче и синдикалците од Клинички седнаа на заеднички состанок  – повторно изби кавга помеѓу нив. Вработените од болниците не сакаат ниту да разговараат за модел на јавно-приватно партнерство во јавните здравствени установи. Пациентите треба да продoлжат да се лечат тука, не смее да се затвори универзитетска клиника заради приватна болница – порачаа од Синдикатот во име на сите вработени таму.

„Клинички центар како установа од посебен интерес за државата треба да се изземе од планирање при вакви и слични реформи во јавното здравство. Истото се однесува и на правата на пациентите во таквите јавно-приватни болници, каде знаеме дека главниот интерес е профитот“ кажа Горан Беговиќ, Претседател на Самостојниот синдикат на вработените во клиничките центри.

За вработените на Клинички несфатливо е зошто властите прават натпревар помеѓу јавните и приватните болници. Во јавните здравствени установи не само што се лекуваат пациенти туку и се едуцира нов кадар. Тоа не е исто – ни кажа Претседателот на Синдикатот.

„Не прифаќаме било каков натпревар на една универзитетска клиника со приватна здравствена установа. Несфатливо е некој да помисли дека Универзитетска клиника може да се затвори на сметка на ПЗУ“ кажа Горан Беговиќ.

Министерот за здравство смета дека таквата математика е правилна за државната каса. Модел во кој пациентите ќе ги лекува кадарот од Клинички, но во приватна болница, повеќе ќе даде резултат, а воедно и ќе се заштедат пари – е ставот на Филипче. Сепак од Здравство уверуваат дека нема да се случи затварање на некоја клиника, туку со партнерството само ќе се унапредт условите за работа.

„Да видиме дали за истата сума на чинење на тие интервенции ние може да добиеме подобри услуги за нашите пациенти во подобри услови, а без притоа државата многу да се задолжи да ги реновира или да гради нови болници или згради“ кажа Венко Филипче, Министер за здравство.

Освен за моделот на јавно-приватни партнерства за Клиниките, од Синдикатот на вработените во клиниките преписката со здравствените власти ја искористија и да потсетат на ветувањата на министерот за катни гаражи во склоп на комплексот болници, нешто што се уште не е дел од дворот на Клинички.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ