
д-р Чадиковски од денеска невработен – потпишал спогодбен отказ со „Жан Митрев“
Детската кардиохирургија во приватната болница „Жан Митрев“ остана и без двајцата анестезиолози кои годинава преминаа од државната клиника. Си дадоа отказ исто како и шефот на нивниот тим, д-р Владимир Чадиковски, кој денеска потпиша спогодбено заминување од клиниката. За нивното заминување нема никакви пречки, затоа што не се обврзани со никаков договор, особено не со договор за јавно – приватно партнерство, како што беше најавено на прес –конференцијата во февруари.
Последниот склучен договор на Фондот за здравство со ПЗУ Клиничка болница Жан Митрев е за период од 2014 до 2018 година, кој со анекс на договор е продолжен до 30.09.2019 година.
„Согласно Законот за здравствена заштита и Законот за здравствено осигурување, Фондот има обврска да склучи само договор за пружање на здравствени услуги од дејноста за кардиоваскуларна хирургија со ПЗУ Клиничка болница Жан Митрев, врз основа на добиена дозвола за работа во мрежата на здравствени установи, издадена од Министерството за здравство“, велат од ФЗОМ.
Нејасно е зошто не е потпишан поинаков договор, кога при промовирањето на јавно-приватното партнерство, правниците укажуваа дека, при употреба на овој модел е од суштинска важност конструкцијата на добар договор. Во негови рамки се дефинираат сите ризици и можности, а воедно и се проектираат сите трошоци како и капитални инвестиции.
Лекарите, пак, предупредуваа дека ќе се уништи јавното здравство, но министерот Филипче, директорот Дончев и докторите Митрев и Чадиковски тврдеа дека проектот функционира одлично и дава позитивни резултати за пациентите.
Шест месеци подоцна, стравувањата се покажаа основани, откако со проектот „Жан Митрев“, без детска кардиохирургија остана државната клиника, а сега е загрозено опстојувањето на овој оддел и во приватната, иако вчера оттаму издадоа соопштение дека децата и понатаму ќе се оперираат на сметка на Фондот без оглед дали заминува тимот предводен од др. Чадиковски.
Далиборка Демјанска Цветановска