Чулев за полициски час од 19 до 05 часот, Филипче тврди дека факторот на пренос на вирусот е намален од 2,5 на 1,1

Утре во 15 часот на седница на владата очекувам да биде донесена одлука во насока на олабавување на мерките за забрана на движење, изјави министерот за внатрешни работи , Наќе Чулев, во вечерашната Топ Тема на Телма.

Доколку биде донесена таа одлука, би можела да почне да важи уште од утре или од наредниот ден (Четврток).

Чулев вели дека  мерката за забрана на движење, која е воведена на 22-ри Март и се применува веќе 30 дена, вклучувајќи го и 85 часовниот карантин за Велигденските празници, очигледно има негативно влијание врз психолошко –социјалната состојба на граѓаните а истовремено и совеста на граѓаните е на многу повисоко ниво во однос на личната заштита и заштитата на нивните најблиски.

Поаѓајќи од тие два аспекти и фактот дека нема драматично зголемување на бројот на заразените, Чулев смета дека треба да се релаксира забраната за движење и да важи од 19 часот навечер до 5 часот наутро а истата забрана да важи за текот на викендите.

При тоа, министерот за внатрешни работи, вели дека, според него дозволата за движење на повозрасните лица треба да се продолжи и наместо од 10 до 12 часот, да важи од 05 часот наутро до 12 часот на пладне. Истовремено од 13 часот до 19 часот би се применувала дозволата за движење на младите лица. “Дополнително ќе предложам да се укине забрана за движење низ парковите, шумите, планините, но при тоа да се носи заштитна опрема на лицето “ – вели Чулев.

Во однос на дилемите околу одлуката за фотографирање на граѓаните кои би требало да покажат дали граѓаните се придржуваат до препораките да не бидат во поголеми групи, Чулев оцени дека според него доколку биде усвоена таква уредба, таа ќе биде многу тешко применливо и тешко докажливо.

“Дополнително се јавуваат некои правни дилеми кои треба да се земаат предвид.Со што ќе се фотографира? Дали со мобилен телефон? Дали ќе се избришат, зашто може да бидат злопотребени на социјалните мрежи ? Дали и деца ќе се фотографираат? Дали семејство од 4 или 5 лица се опфатени? Кој ќе ја утврдува автентичноста на фотографиите?” – вели Чулев.

Министерот за здравство, Венко Филипче, не одговори директно дали се согласува со конкретните предлози на министерот за внатрешни работи, за олеснувањето на полицискиот час, додавајќи дека сите тие ќе бидат разгледани на седницата на владата.
“Сите мерки кои беа донесени, вклучувајќи го полицискиот час и одвојувањето на двете возрасни групи, постарите и помладите, постарите како најризични и помладите како преносители на вирусот беа во насока на спречи ширењето на вирусот и сметам дека во тоа успеавме. Оној фактор Р0 на пренос на вирусот во еден момент во нашата земја беше 2,5 а сега е нешто под 1,1” – изјави Филипче за Топ Тема.

Прогнозите, според Филипче, говорат за пик од околу 2 000 пациенти кон крајот на месецот, додавајќи дека вирусот нема да изчезне во наредниот период.

“Се спремаат земјите, како и ние што се подготвуваме, на еден нов пик на есен, кога освен пациенти од Ковид 19 ќе има и дополнителен број пациенти од сезонскиот грип. Оваа приказна нема да заврши, ќе трае и веројатно ќе заврши со вакцината која ќе дојде во 2021-та година. Ќе влезе во навика да се носи маска а со тоа и контролата ќе биде полесна” – вели Филипче.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ