Човекот кој ја добил задачата за моја ликвидација е во притвор, вели Заев

Премиерот Заев денеска во одговор на новинарско прашање тврди дека човекот кој според сознанијата имал задача да го ликвидира на крвавиот четврток, сега е во притвор.

Прашање: Неодамна објави Фокус дека сте биле мета на убиство на 27-ми април, имате ли информации за тоа што беше објавено, бидејќи се однесува лично на Вас?

-За деталите верувам дека правосудните органи ќе дадат соопштение или ќе информираат во соодветен период како се одвиваат судските постапки. Тука пред се мислам на судовите и на јавните обвинители. Јас знам дека човекот кој ја добил таа задача е во притвор, одговори премиерот Заев.

Минатиот петок, неделникот Фокус објави дека истрагата открила телефонски разговори на двајца учесници во собраниските инциденти на 27-ми април кои неколку месеци подоцна зборувале за неуспешна ликвидација на Заев во Собранието.

-Едниот соговорник го кара другиот и го прашува зошто не го убил Заев, кога тоа било договорот. Соговорникот се правдал дека се обидувал но немал чиста мета, пишуваше во минатиот број неделникот.

Обвинителството минатиот петок соопшти дека во истрагата за 27-ми април не се користени посебни истражни мерки, во кои спаѓа и следење на комуникации.

Во притвор е  Кумановецот Игор Југ кој меѓу другото е осомничен и за нелегално носење на оружје. Него постојано му е продолжуван притвор, а од обвинителството нема одговор дали е најдено оружјето за кое е осомничен.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ