Чолош во интервју за Телма: Убеден сум дека Македонија ќе добие датум во март

Романскиот Макрон, како што го нарекоа медиумите Дачиан Чолош, новиот лидер на парламентарната група Обнова на Европа во интервју за Телма вели дека е убеден дека Македонија ќе добие датум во март. Новата методологија ја објаснува како нова динамика во преговорите, но и барање да се создадат силни институции. Со Чолош разговараше Сања Васиќ.

ТВ Телма: Како гледате на проширувањето во оваа нова Европа?

Чолош: Проширувањето за мене е дел од Европа. Се додека имаме земји со европска историја, култура, кои географски се во Европа, мора да продолжиме да работиме да се здружиме со овие земји и народи. Затоа за мене и за мојата група во Европскиот парламент, Renew Europa, која е трета пратеничка група по големина и дел од мнозинството, силно го поддржуваме процесот на проширувањето на ЕУ но на многу поефикасен начин. Затоа што проширување не значи само политички преговори, проширување не значи само трансфер на легислатива, стандарди, норми, правила. За нас, за нашата група  проширување значи соработка со луѓето и создавање можности да се почуствуваат Европејци и да делат заеднички вредности. Ќе имаме силна економија, силно општество ако имаме  владеење на правото, ако се почитуваат правата на граѓаните, тоа за мене значи Европа и проширување.

ТВ Телма: Тоа може да значи дека проговорите можат да траат вечно, а земјите членки полесно да ставаат вето?

Чолош: Но тоа може да значи и дека преговорите може брзо да завршат. Ако имате јасна посветеност и повеќе од тоа. Кога формално ќе ги завршите преговорите веќе може да ја имате земјата веќе интегрирана преку неколку политики. Нема да мора да се чека две, пет, 10, 15 години за да завршат преговорите за да се признаваат дипломите на студентите, на пример. Или фармерите да имаат пристап до европските фондови за да инвестираат и да се развиваат и да имаат пристап до европските пазари. Ова е предноста. Ќе креираме се поотворен простор пропорционално со напорите што земјите ќе ги вложуваат во овој процес. Знаете, овој процес на проширување не им е важен само на земјите кандидати туку и на Европејците.

ТВ Телма: Дали тие знаат зошто е важно? Затоа што се уште има големо противење на прошируваето во европските земји?

Чолош: Како политичар сакам да можам да им објаснам на луѓето зошто овој процес на проширување е важен и зошто проширувањето треба да биде ефективно, а не само бирократски процес.

ТВ Телма: Дали очекувате Македонија и Албанија да добијат датум за преговори со ЕУ во март?

Чолош: Пред да заминам од Брисел за Скопје имам средба со лидерите од политичкото семејство на  Renew Europa, вклучувајќи го претседателот на Франција, премиерите на Холандија и Луксембург и исто така премиерот на Естонија, Словенија, Чешка и Белгија и им кажав дека доаѓам тука да пренесам силна порака на поддршка за проширувањето. И имам чувство дека се многу поотворени за прифаќање на идејата дека треба да го почнеме овој процес на преговори. Затоа сум убеден во тоа и оптимист.

ТВ Телма: Имаме недостаток на консензус за некои од реформите кои се важни за пристапувањето кон ЕУ. Што би им порачале на политичките партии?

Чолош: Апсолутно неопходен е овој консензус. Може да имате различни идеи, различни идеологии како треба да се направат работите, но на македонскиот народ му треба силна порака од сите партии дека иднината на Македонија е во ЕУ. За да се осигура дека без оглед која партија ќе дојде на власт да биде сигурно и јасно дека се посветени на реформите кои и се потребни на Северна Македонија.

Сања Васиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ