Четвртина лекари специјалисти постари од 60 години, „лабавите“ услови за младите специјализанти ги селат од јавното здравство, ревизорски извештај  

Нема план поради неконтролираниот одлив на лекари специјалисти. Лекарите заминуваат од внатрешноста и се се селат или во странство или во приватните болници, но често одат и во скопските државни клиники. Лекарите специјалисти се се постари во Македонија и 25 проценти од нив се пред пензија.

Ова се наодите на ревизијата за специјализацијата на македонските лекари. Како проблем ревизорите ги гледаат се помеките услови за специјализантите кои добиваат дравни пари за да се остручат, но сега полесно може да го напуштат јавното здравство.

Секој 4-ти лекар специјалист  во јавното здравство е постар од 60 години, покажува ревизијата на политиките за специјализација на здравствените работници за период од 2015-та до 2018-та година.

Ревизорите констатирале и дека во јавните здравствени установи нема стратегија и следење на кадрите поради што нема контрола врз одливот на специјалистите. За овие три години за кои се однесува ревизијата, половина од заминатите лекари од јавното здравство се пензионирале, но значаен одлив на специјалистите е забележан и кон приватниот сектор и кон странство.

Голем проблем во обезбедувањето подобра здравствена специјалистичка заштита е и тоа што има некоординирано преземање на лекари од една во друга здравствена установа, а патот најчесто специјалистите ги носи во скопје на клиниките.

-Констатиравме дека преземањето на кадар е најмногу застапено од здравствените домови и општите болници КОН болниците и универзитетеските клиники во Скопје, кои пак се соочуваат со превработеност од конкретен кадар, стои во извештајот на ДЗР.

Според ревизијата, главен проблем за одливот се постојаните олеснувања за оние лекари кои заминуваат на специјализација. Законски им е скратен периодот за задолжително работење во државното јавно здравство, а исто така е намалена и сумата за враќање доколку специјалистот си замине од институцијата која ја платила специјализацијата.

И покрај значајниот одлив на кадар, со измените на Законот во периодот од 2016-та до 2019-та година, времето постапно е намалено од 15 години на времетраење еднакво на должината на специјализација, а висината на средствата од 10-кратен износ е намален на двократен износ на вредноста на специјализацијата, пишува во извештајот.

Токму специјализантите најмногу се бунтуваа против тешките финансиски услови доколку сакаат да заминат од јавното здравство и сметаа дека станува збор за ропски клаузули на новите специјалисти.

Сепак ревизијата смета дека одливот се должи и на намалените обврски кон новите лекари специјалисти, а сите проблеми оневозможуваат да се направи ефикасно планирање на кадарот во јавното здравство.

Голем проблем со планирањето е и тоа што нема точна бројка на специјалисти бидејќи во институот за јавно здравје имало една бројка, додека според проект подржан од Европската комисија добиени се сосема други бројки на лекари специјалисти.

Ревизијата утврдила и дека парите за специјализација не се уплаќаат редовно на сметките на факултетските катедри и дека најмногу од парите за специјализации добиваат менторите и едукаторите, а не факултетот кој ги обезбедува условите.

Ревизијата своите заклушоци ги доставила до надлежните здравствени институции за да преземат мерки за подобрување на планирањето на специјализациите се со цел да се подобри квалитетот на услугите на јавното здравство. Со ревизијата се опфатени министрите Тодоров, Таравари и актуелниот Филипче, а завршена е во средината на март.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ