Четворица новозаболени со мали сипаници, хоспитализирани се бебе и воспитувачка од градинка

Седумнаесетмесечно бебе од Студеничани и воспитувачка од градинка од Кисела Вода се новите хоспитализирани со мали сипаници. Во последното деноноќие се јавиле во болница со симптоми како покачена температура и осип на телото. Уште две други се пуштени на лекување во домашни услови.  Од петокот до денес има 14 новозаболени со мали сипаници, а со тоа бројката порасна на вкупно 111 пациенти, откако беше прогласена епидемијата во декември.

„Имаме рапидно зголемување на бројот на заболените лица. Овие заболени лица се на возраст од една ипол година, до 32 години. 80% од овие лица се невакцинирани. Тоа ни алудира на потребата да се доспроведе ригорозната вакцинација на сите лица коишто подлежат на ваква обврска. Истовремено сакам да дадам изјава во делот на медицинскиот персонал којшто е заболен од ова заболување при што имаме четири доктори на специјализација од педијатрија, една медицинска сестра и едно лице што работи на шалтер, коишто се исто така меѓу заболените лица“ кажа Жарко Караџовски, специјалист епидемиолог од Институтот за јавно здравје.

Од Институтот за јавно здравје предупредија дека случаите засега се локализирани само во Скопје. Епидемијата расте, а досега се вакцинирале само 4500 деца. Бројот на невакцинирани е за двапати поголем. Тоа ги плаши епидемиолозите бидејќи остава простор да се јават и нови заразени. Здравствените власти одлучија да не прават теренска вакцинација во училиштата.

„Во Скопје имаме отприлика околу 10 илјади дечиња што се невакцинирани, а се на некоја возраст на којашто подлежат на вакцинација. Исто така имаме можност да вакцинираме околу 2500 лица коишто се на школска возраст и коишто треба да бидат вакцинирани“ кажа Жарко Караџовски, специјалист епидемиолог од Институтот за јавно здравје.

Освен епидемијата од мали сипаници, од здравствените власти предупредуваат дека периодов ќе расте и бројот на болни од сезонски грип. Само во една недела се јавиле 580 новозаболени што е за двојно повеќе од претходната недела.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ