
Четири пациенти починаа на Инфективната клиника, нови 26 потврдени случаи на корона вирус
Почина вработен во „Македонски шуми“ – Велес. Имаше 58 години, а присуството на вирусот кај него беше потврдено на 25-ти март, истиот ден кога болеста беше констатирана и кај директорката на велешката подружница и кај нејзиниот сопруг.
Ова е еден од четирите смртни случаи на Инфективната клиника во последните 24 часа. Починаа и 79-годишна пациентка од Скопје, 63-годишен пациент од Скопје и 67-годишен пациент од Прилеп.
Вкупниот број на починати се искачи на 38.
Бројот на ново-дијагностицираните е помал во однос на минатите денови.
Од вкупно 26, најмногу нови случаи има во Куманово – 11, во Скопје 4, во Прилеп 3, во Тетово 4, во Велес 2 и по еден во Кочани и Пробиштип. Вкупниот број на заболени е 854, откриени во над 8 илјади 500 тестирања.
Министерот Венко Филипче најавува дека за два-три дена обработката на примероците ќе почне да се прави и во лабораториите на МАНУ и на судска медицина. Ќе се земаат дополнителни 50 до 100 примероци а резултатите ќе се добиваат за еден ден.
Министерот Филипче најави скрининг на 20 до 30 одсто од населението во Дебар. За таа намена ќе се искористи донацијата од 20 илјади тестови на антитела.
Се очекува Јапонија да достави донација во антивирусен лек, а се планира лекувањето да се подобри со одделување крвна плазма.
Веќе се прави распоред како ќе се подели донацијата од еден милион маски од Чешка, а до крајот на неделата се очекува и помошта во опрема од САД. Филипче информираше дека на Инфективната клиника се лекуваат 68 пациенти, од кои 8 се на механичка вентилација, во 8 Септември 31, во Битола 5 и во Штип 9 пациенти.
Соња Николовска